ШТИП: Странците бараат поголемо текстилно производство, нашите фирми немаат капацитети

Штип, 22.03.2022

konf02Компании од Германија, Холандија, Белгија, Австријa последниве три месеци се во нашата држава во потрага по слободни капацитети кои би работеле текстилно (конфекциско) производство за нивните потреби. Но, во најголем дел нивниот напор останува без резултат од едноставна причина што домашните капацитети се исполнети работејќи за познати партнери, а бројот на работниците во оваа индустрија, според Ангел Димитров, сопственик на конфекцијата „Мода“ – Свети Николе и претседател на комората на работодавачите, е преполовен.

-Точно е тоа дека последниве три месеци во нашата држава доаѓаат менаџери на големи компании за продажба на текстилни производи од Германија и други европски земји и бараат слободни капацитети за исполнување на нивните прилично големи нарачки. Но, речиси насекаде тие наидуваат на одбивање зашто она што остана од конфекциите и работниците во оваа индустрија во нашата држава е преполовено. Имено, поради пандемијата но и поради зголемувањето на минималната плата се затворија бројни капацитети, а  бројот на вработените во текстилната индустрија од 45.000 спадна на само 24.000 лица. Во такви околности, наша проценка е дека странците тешко ќе најдат конфекции пред се кои би ја прифатиле нивната понуда, вели Димитров.

Пандемијата и зголемувањето на минималната плата беа предуслов за да се затворат бројни капацитети, а  бројот на вработените во текстилната индустрија од 45.000 спадна на само 24.000 лица.

Нашиот соговорник вели дека текстилните фирми кај нас се „тресат“ под тежината на зголемените цени на енергенсите, пред се на електричната енергија и на храната пред се. А тука како нова финансиска тежина е и минималната плата која, според Димитров има удел од 62 проценти во просечната плата, иако насекаде во светот тоа не може да биде над 50 проценти.

-Ние тоа им го кажуваме на партнерите од Европа, но оние кои сега бараат слободни капацитети велат дека не можат да ја зголемат цената на нашата работа повеќе од 5 до максимум 7 проценти.  Тие тврдат дека цените на кошулите и на другото конфекциско производство не растат ниту во Европа, па иако ги ценат нашите многу зголемени трошоци не можат да платат повеќе. А тоа нам не ни се исплаќа зашто тешко, со такви цени, некоја наша фабрика ќе може да ги покрие и основните трошоци на работа, посочува Димитров.

Кога за месец март фирмите ќе ги исплаќаат платите ќе се види колку во вкупниот нивен буџет ќе учествува зголеменото ниво на минималната плата и тогаш многу работи ќе стана појасни. –„Очекуваме новата минимална плата на оваа индустрија да и донесе нови проблеми“, коментира Димитров.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе