ДЕЛЧЕВО: Започна изградбата на пречистителната станица за вода

Ковачевски, Нуредини, Трајковски

Делчево, 31.10.2022

Со пригодна свеченост на која присуствуваа премиерот на Владата на РСМ, Димитар Ковачевски, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, заменик-амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во Скопје, Лусијан Егертер, претставници од фирми- партнери во проектот и граѓани на Делчево, беше означен почетокот на изградбата на новата пречистителна станица за вода за пиење со придружни објекти во рамките на големиот Проект за подобрување на водоснабдувањето на Делчево.

Со реализацијата на проект се решава децениски проблем во Делчево и носи чиста вода за пиење во секој дом во Делчево и минимум загуби на вода, истакна во своето обраќање градоначалникот Трајковски.

Лусиан Егертер
Лусиан Егертер

– Проектот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“ се имплементира изминативе 4 години, период во кој се реализираа сите неопходни административни работи, но се работеа и елаборати, анализи, за да се најде најсоодветното решение за конечниот резултат-чиста вода за пиење и минимум загуби на вода. Паралелно, се гради нова водоводна линија во две делчевски села Габрово и Ѕвегор со што жителите за прв пат ќе добијат современ водоводен систем и ќе се приклучат на градскиот водовод. Во рамките на проектот влегуваат и изградбата на фотоволтаична централа и оперативна зграда со лабораторија, изградба на прекидна комора на главната доводна цевка од браната Лошана до станицата во с. Тработивиште, реконструкција на главната водоводна цевка од с. Тработивиште до Делчево и реконструкција на бунарите во Делчево и с. Тработивиште, како и реконструкција на резервоарот за вода во близина на с. Ѕвегор, истакна градоначалникот Трајковски.

Проектот за подобрување на водоснабдувањето во Делчево, е вреден 7,3 милиони швајцарски франци. Од нив 6 милиони се донација од Швајцарската Конфедерација

Лусијан Егертер, заменик-амбасадор во амбасадата на Швајцарија во РСМ рече: „Kако продолжение на оваа поддршка и посветеноста да им се помогне на жителите на општина Делчево, горд сум што Швајцарија одлучи да придонесе во напорите за подобрување на состојбата со водата за пиење. Очекувам за две години повторно да се собереме овде за да прославиме официјално пуштање во употреба на пречистителната станица заедно со граѓаните на Делчево“.

Оваа капитална инвестиција е само една во низата инвестиции за долгорочен развој на Република Северна Македонија, потенцираше премиерот Ковачевски, при што истакна и дека еден од столбовите на политиката на Владата е рамномерен регионален развој, затоа што секој град, секој регионот во државата заслужува да биде убаво место за живеење кое и понатаму ќе се живее во просперитет.

– Политиките што ги креира Владата се сопфатни и никого не изоставуваат, без разлика дали станува збор за проекти за развој на општините, за мерки за ублажување од енергетската криза. Од грижа за најранливите граѓани, за пензионерите, преку мерки за обезбедување на ликвидноста на стопанството, субвенционирање на струјата со 80% за над 600.000 домаќинства и над 72.000 мали потрошувачи фирми кои ги вработувааат најголем дел од вработените во државата, до мерки за прехранбената индустрија за да се нмалат цените на основните производи, до поддршка за развојот на општините, мислиме на секого, затоа што сите граѓани за нас се подеднакво важни.  Како Влада поддржавме инвестиции од над 250 милиони евра во општините, ќе го поправиме она што со децении не е направено, секој заслужува квалитетен живот, потенцирапе Ковачевски.

Инаку, Проектот за подобрување на водоснабдувањето во Делчево, е вреден 7,3 милиони швајцарски франци. Од нив 6 милиони швајцарски франци се донација од Швајцарската Конфедерација, 1, 3 милиони швајцарски франци е инвестиција од Владата, преку Министерството за животна средина и просторно планирање, а 30.000 швајцарски франци е учество на Општина Делчево.