Скопјани утрово имаат вода, но се уште со намален притисок, откако вчера, заради пукната цевка во населбата Влае, голем дел од градот остана без водоснабдување. Од јавното претпријатие Водовод и канализација синоќа информираа дека на прекинот му претходеле повеќе краткотрајни прекини на снабдувањето со електричната енергија во регионот кај бунарите на Лепенец, кои предизвикаа варијација на притисокот на пумпниот систем од бунарите кон градскиот цевковод од каде се дополнува водоснабдителниот систем.
„Како резултат на прекините на мрежата на електрична енергија, настанати се два дефекти истовремено на главната водоводна линија Ф-600, како и дефект во шахта на Ф-400 на еден од бунарите. Поради овие дефекти, во неколку населени места од градот дојде до прекин на водоснабдувањето, но по брзата реакција на нашите екипи водоснабдувањето постепено се стабилизира со цел да се избегнат нови појави на дефекти и дополнителни оптоварувања на системот, информираа од Водовод.
Дефектот, според информации од Центарот за управување со кризи се случил на улицата „Франце Прешерн“ во населбата Влае, каде што заради истекување биле поплавени улицата и околните дворови.