Кандидатката за градоначалничка на Општина Центар од коалицијата „Шанса за Центар“, Биљана Ивановска, заедно со носителите на советничките листи за Општина Центар, Јане Димовски и за Град Скопје, Јана Белчева-Андреевска, денес одржа теренска прес-конференција посветена на иднината на Спортско-рекреативниот центар „Кале“.
Ивановска истакна дека здравјето и спортот ќе бидат врвен приоритет на нејзината програма и дека општината ќе работи на тоа спортот да стане достапен за сите граѓани, а не само за поединци.
„Во нашата општина Центар, здравјето ќе биде врвен приоритет. Спортот е предуслов за здрав живот и затоа ќе биде достапен за секој жител. СРЦ Кале е пример за објект кој со децении пропаѓа поради штетни договори и несоодветно управување. Ќе се заложиме, заедно со централната власт, Кале повторно да се стави во функција и да стане современ центар за спорт и рекреација“, изјави Ивановска.
Таа порача дека вложувањето во спортот има смисла само ако е достапен за сите, особено за младите.
„За нас спортот не смее да биде луксуз. Ќе овозможиме лесен пристап и модернизација на спортските објекти, со програми за масовен спорт. Кале ќе го отвориме за училиштата, универзитетите и сите граѓани, а општината ќе обезбеди опрема и услови“, рече Ивановска.
Таа нагласи дека средства постојат, но потребно е правилно поставување на приоритетите и нови вредности во управувањето.
Носителката на советничката листа на „Независни заедно“ за Град Скопје, Јана Белчева-Андреевска, истакна дека просторот околу СРЦ „Кале“ има голем потенцијал за целиот град.
Носителот на советничката листа на граѓанската иницијатива „Шанса за Центар – Независни заедно“, Јане Димески, се осврна на проблемот со дивата депонија во близина на Владата, укажувајќи дека недостигот од системски решенија за отпадот го загрозува квалитетот на живот во општината.
„Ќе воспоставиме постојани локации за собирање кабаст отпад и ќе воведеме видео и човечки надзор на критичните точки. ПОЦ треба да добие компостара за лисјата и гранките, а граѓаните ќе добијат повеќе можности за селекција на отпад наместо овој средновековен систем што го имаме денес“, изјави Димески.
На крајот од прес-конференцијата, Ивановска ги повика жителите на Центар да поддржат промена на локалните избори на 19 октомври.