Европската поддршка за локалната самоуправа во Македонија добива нов, практичен инструмент кој треба да им помогне на општините поефикасно да ги користат европските фондови и да реализираат поквалитетни проекти со видлив ефект на терен.
Во рамки на иницијативата „ЕУ за општините“, техничката помош на проектот го промовираше првиот сеопфатен прирачник специјално наменет за општинските администрации. Документот, насловен „Прирачник за општините за управување со проекти финансирани од ЕУ (2026)“, е замислен како практичен водич што на едноставен начин ги објаснува клучните фази во циклусот на ЕУ проекти: од подготовка и планирање, до спроведување и мерење на резултати.
Целта е општините да добијат појасна слика за логиката на европското финансирање и да ги зајакнат своите административни капацитети, со што би се намалиле грешките во подготовка на апликации и би се зголемила ефикасноста во реализацијата на иницијативите што носат директна корист за граѓаните.
Од ЕУ порачаа дека локалната власт е клучната точка каде европските политики се претвораат во реални подобрувања: подобри јавни услуги, позелени решенија, посилна локална економија и поинклузивно управување. Според оценките од проектот, досегашните резултати покажуваат дека европската интеграција се гради преку конкретна соработка и мерливи резултати, а не само преку политички декларации.
Евроамбасадорот во земјата, Михалис Рокас, во воведниот дел на прирачникот нагласува дека поддршката на Унијата е долгорочна и насочена кон реформите, истакнувајќи дека партнерството со општините е еден од највидливите примери за тоа како европските политики се спроведуваат во пракса и директно влијаат врз квалитетот на живот.
Дополнително, одговорните за локална самоуправа во Делегацијата на ЕУ посочуваат дека новиот прирачник е дел од поширока стратегија за градење капацитети. Според нив, тој треба да им служи на општинските службеници како секојдневна алатка, практичен водич кој ги појаснува методологиите, инструментите и добрите практики за управување со европски средства.
Документот е подготвен со финансиска поддршка на Европската Унија и се дистрибуира бесплатно, а е достапен за директно преземање преку онлајн платформа.
