ШТИП: И затворениот базен оди под закуп

Штип, 22.04.2026

Затворениот базен во Штип оди под закуп. Овој објект локалната власт го најави како училиштен, кој ќе им служи на учениците од основните училишта да учат пливање и водни вештини, но сега и тој како претходно и Дино паркот ќе оди под закуп. Ова беше одлучено на денешната седница на Советот на општината.

Проценетата пазарна вредност изнесува 30,4 милиони денари односно 495.354 евра, а закупецот ќе мора да плаќа месечна кирија во износ од 152.320 денари. Закупот е на две години. За тоа време, цената на месечната влезница за деца на смее да биде повисока од 1.000 денари, а за возрасни 4.000 денари.

Во предлог – одлуката стои дека закупувачот има обврска да инвестира во замена на пумпите со високоенергетски топлотни пумпи, да инвестира во енергетскиот систем на базенот, со што потрошувачката на струја ќе ја намали на половина, како и да организира електронска продажба на влезници со електронска евиденција, да ја одржува хигиената и базенот да биде отворен 24/7.

Според одлуката за закуп Општината ќе ги покрива режиските трошоци како и резерните делови и материјалите за тековно одржување.

Во предлог-одлуката за закуп нема одредба за учениците од штипските училишта, за кои првично се градеше затворениот базен. На отворањето на базенот на 23 септември минатата година, градоначалникот Иван Јорданов овој објект го најави како училиштен базен.

-Верувам дека овој објект ќе биде искористен од учениците кои на час за физичко воспитување ќе го користат, а ќе го користат и пливачките клубови, рекреактивците и конечно Штип ќе добие еден ваков репрезентативен објект во кој имаме затворен базен, изјави градоначалникот Јорданов.

Затворениот базен, е дел од проектот на Министерството за спорт. Тој се градеше пет години и беше услов и предмет за бројни препукувања помеѓу општинската власт и опозиција. Во периодот по пуштањето во употреба, затворениот базен главно се користеше за часови по пливање на учениците со кои работеа тренери  по пливање. Трошоците беа на товар на родителите.

Изградбата на затворениот штипски базен чинеше нешто над 46 милиони денари.

Ова е вториот капитален проект по Дино паркот што општината Штип го издава кратко по ставањето во употреба.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press