Осомничениот кој беше уапсен по пукањето за време на вечерата на Асоцијацијата на дописници од Белата куќа е идентификуван како Кол Томас Ален, 31-годишен жител на Торенс, Калифорнија, јавува Ројтерс, повикувајќи се на претставник на безбедносните служби.
Торенс е крајбрежен град во областа Саут Беј, во близина на Лос Анџелес и заливот Санта Моника.
Според началникот на полицијата во округот Колумбија, истражителите веруваат дека осомничениот бил гостин во хотелот „Вашингтон Хилтон“, каде што се одржувала годишната вечера, но засега не е утврден мотивот за нападот.
Објави на социјалните мрежи кои се поврзуваат со Ален покажуваат дека во декември 2024 година бил прогласен за „Наставник на месецот“ од канцеларијата во Торенс на „Си-2 Еџукејшн“, приватна американска компанија која нуди подготовка за приемни испити и туторски услуги за студенти.
Профил на „Линкдин“ под неговото име го опишува како „машински инженер и компјутерски научник по образование, независен развивач на видеоигри по искуство, а наставник по природа“.
Според профилот, тој дипломирал машинско инженерство на Калифорнискиот институт за технологија во 2017 година, а магистрирал компјутерски науки на Државниот универзитет на Калифорнија во Домингез Хилс во 2025 година. Од „Калтек“ потврдиле дека лице со тоа име дипломирало во 2017 година.
Во делот за работно искуство стои дека во последните неколку години работел како наставник со скратено работно време во „Си-2 Едукејшн“ и како самостоен развивач на видеоигри. Претходно бил машински инженер во компанијата „Ај-Џеј-Кеј Контролс“ во Саут Пасадена, а пред тоа и асистент на Калтек.
На профилот е прикачен и напис од локален медиум за роботичко натпреварување кое неговиот тим го освоил во 2016 година на Калтек.
Во делот „Каузи“ е наведено само: „Наука и технологија“.
Тајната служба на САД соопшти дека осомничениот бил вооружен со сачмарка и бил приведен откако отворил оган кон агент на Тајната служба во хотелот „Вашингтон Хилтон“, во близина на салата каде што присуствувале американскиот претседател Доналд Трамп, првата дама Меланија Трамп, потпретседателот Џеј Ди Венс и повеќе членови на американската администрација.
