Се очекува пресуда во предметот против Штекли на денешното рочиште

Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје се очекува да биде соопштена пресудата во случајот против Раде Трајковски – Штекли и уште четворица сообвинети, кои се товарат за учество во организирана мрежа за нелегално производство и дистрибуција на кокаин и марихуана.

Случајот првично опфаќаше 16 лица, но дел од нив веќе ја затворија постапката со спогодби со Обвинителството, при што седуммина добија затворски казни во траење од три до три и пол години. Дополнително, четворица од обвинетите ја признаа вината, по што нивните предмети беа издвоени во посебна постапка.

Според обвинителните наводи, криминалната група функционирала во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година, со јасно распределени улоги – од набавка на наркотични средства до нивна продажба на домашниот пазар. Во документите на Обвинителството се наведува дека Раде Трајковски–Штекли бил во центарот на организацијата, како лице кое ги координирало активностите, одржувало контакти со странски извори и домашни посредници и давало насоки за проширување на мрежата.

Дрогата, како што стои во обвинението, се складирала во изнајмени станови, а потоа се пласирала по цени кои се движеле од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и од 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата меѓу членовите на групата, според истрагата, се одвивала преку апликации за заштитена размена на пораки, меѓу кои и „Снепчет“, а значаен дел од доказите произлегле од анализа на мобилни телефони.

Во текот на судскиот процес, првообвинетиот изјавил дека не му е јасно обвинението што му се става на товар, додека останатите обвинети не се изјасниле за вина. Одбраната на Трајковски, пак, тврди дека нема докази за негово учество во организирање на група, нагласувајќи дека обвиненијата се засноваат на претпоставки, а не на цврсти факти.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press