2024 година ja одбележа првата жена претседателка, промената на власта, политичките осцилации

Изминатата година, Македонија доживеа големи политички промени. Во јануари беше формирана техничката влада на чело со Талат Џафери, со што тој стана првиот технички премиер во државата, кој е етнички Албанец. Оваа Влада ја подготви земјата за парламентарните и претседателските избори кои се оддржаа на 8 мај. Гордана Силјановска-Давкова победи на претседателските избори, добивајќи повеќе гласови од нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски и стана првата жена претседател на државата. На парламентарните избори победи партијата ВМРО- ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски, која обезбеди 58 пратенички места и предизвика длабок дебакл кај СДСМ. Демократската унија за интеграција (ДУИ) се симна од власт по 20 години, отстапувајќи го местото на новите политички коалиции. Во тек на оваа година имаше политички пресметки околу Балансерот и Законот за употреба на јазиците. Ова се настаните кои го обликуваа политичкиот пејзаж на земјата во тек на 2024 година, пишува „Порталб.мк“.

Промените во извршната власт

Во текот на 2024 година, промена на извршната власт имаше во два наврати.

25 јануари 2024: Димитар Ковачевски поднесе оставка од премиерската функција, а Талат Џафери поднесе оставка од функцијата претседател на Собранието.

Премиерот Димитар Ковачевски лично поднесе оставка до Собранието, што значи дека целата Влада поднесе оставка до изборот на техничката влада. По него, оставка поднесе и претседателот на Собранието Талат Џафери, согласно член 115 од Уредбата за работа на Собранието. Тој го овласти потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан Мисовски, да претседава со пленарната седница закажана за 26 јануари 2024 година.

29 јануари 2024: Избрана е техничката влада на чело со Талат Џафери, првиот албански премиер во историјата на земјата.

Со 65 гласа „за“ и 3 „против“ Собранието на Северна Македонија ја избра новата техничка влада на чело со Талат Џафери. Во овој состав на чело на Министерството за внатрешни работи, труд и социјална политика беа членовите на тогашната опозициска ВМРО- ДПМНЕ, кои не гласаа за новата влада.

23 јуни 2024: По гласањето во Собранието Христијан Мицкоски е именуван за премиер на Северна Македонија. Собранието на Северна Македонија со 77 гласа „за“ гласаше за избор на Владата на Северна Македонија, 22 пратеници гласаа „против“, а „воздржани“ немаше. Спикерот Африм Гаши го потврди изборот на Владата на Северна Македонија на чело со премиерот Христијан Мицкоски.

Изборите, законодавната власт и изборот на Силјановска Давкова

8 мај 2024: Се одржаа парламентарните и претседателските избори

Единаесеттите парламентарни избори во РСМ се оддржаа на 8 мај 2024 година заедно со седмите претседателски избори. Според резултатите, ВМРО-ДПМНЕ освои 58 пратенички мандати, Европскиот фронт 18, СДСМ 18, ВЛЕН 14, Левица 6 и ЗНАМ 6. По победата на изборите, Владата и парламентарното мнозинство го формираа ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ. По победата на парламентарните избори ВМРО ДПМНЕ и ВЛЕН  формираа работни групи и почнаа разговори за формирање на Владата.

12 мај 2024: Гордана Силјановска-Давкова стана првата жена претседателка

Во вториот круг од седмите претседателски избори Гордана Силјановска-Давкова е избрана за првата жена претседател во историјата на Северна Македонија со разлика од над 300 илјади гласови наспроти нејзиниот против кандидат, тогашниот претседател Стево Пендаровски. Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова се натпреваруваа и на претседателските избори во 2029 година, на кои победи Пендаровски. Давкова, првата жена претседател на државата, на 12 мај даде свечена изјава пред пратениците од претходниот парламентарен состав, по што и официјално го започна петгодишниот мандат.

28 мај 2024: За претседател на Собранието на РСМ е избран Африм Гаши За претседател на Собранието беше избран Африм Гаши. За изборот на Гаши за претседател на Собранието „за“ гласаа 76 пратеници од 82 присутни, шест беа „против“, а воздржани немаше.

Нови коалиции и судири меѓу партиите

4 Февруари 2024: Алијансата за Албанците се подели на две крила

Арбен Таравари и Зијадин Села влегоа во отворен судир  за предизборната коалиција со албанската опозиција на парламентарните и претседателските избори во 2024 година. Со ова Алијансата за Албанците се подели на два фронта. На крилото на Таравари, кој излезе на избори заедно со албанската опозиција како коалиција ВЛЕН (Движењето БЕСА. Алтернатива, Демократското движење) , и на крилото на Зијадин Села, кој на изборите настапи со „Европскиот фронт“ (Демократската унија за интеграција, Демократската партија на Албанците, Народното движење, Европската демократска партија, Турската демократска партија, Унијата на Ромите, Движење на Турците на Македонија за правда и Демократија, Босанскиот демократски сојуз). По изборите, Алијансата на Таравари влезе во Владата како дел од коалицијата ВЛЕН, а Алијансата на Села остана во опозиција со Европскиот фронт.

17 февруари 2024: Коалицијата ВЛЕН потпиша декларација за обединување

Пред одржувањето на изборите, албанската опозиција  се обедини. Движењето БЕСА, Алтернатива, Демократското движење и Алијансата за Албанците (крилото на Арбен Таравари) настапија заедно на изборите како Европска лига за промени (ВЛЕН). Лидерите на партиите беа носители на листите во изборните зони од кои потекнуваат.

Maрт 2024: ДУИ ја започна мобилизацијата со создавање на Европскиот фронт

Со засилувањето на опозицијата ДУИ сериозно почна да ја сфаќа ситуацијата и почна да се мобилизира. Го формираше „Европскиот фронт“ составен од Алијансата за Албанците (крилото на Зијадин Села), Демократската партија на Албанците (ДПА), Европската демократска партија (ЕДП), Народното движење (НД), Движењето на турците во Македонија за правда и демократија (ДТМПД), Унијата на Ромите (УР) и Турската демократска партија (ТДП). Овие коалиции одиграа клучна улога во обликувањето на исходот од изборите и во распределбата на мандатите во Собранието.

Судските предмети и корупцијата

9 октомври 2024: Уставниот суд го укина „Балансерот“

Во октомври, уставните судии на Северна Македонија го укинаа инструментот што ја балансираше етничката застапеност во државната администрација. Покрај тоа што веќе нема да се бара изјаснување на етничката припадност при вработувањата, во иднина ќе биде тешко да се добијат статистики колку од оние кои се платени со парите на даночните обврзници за ви даваат административни услуги се Македонци, Албанци или од некоја друга етничка припадност во Северна Македонија. Балансерот како инструмент потекнува од Охридскиот договор, а предметот за негово укинување е отворен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на 11јануари 2024 година, затоа што со него се прават злоупотреби при вработување, бидејќи како што изјави поранешната претседателка на Антикорупциска, Билјана Ивановска, спроведувањето на спорните законски одредби ги загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, правилната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции и владеењето на правото гарантирано со одредбите на Уставот.

11 декември 2024: Законот за јазиците пред Уставен суд

Уставниот суд на 11 декември го одложи донесувањето на одлуката за Законот за јазиците, барајќи дополнителни консултации и консултации со странски експерти. Овој закон е важен за гарантирање на употребата на албанскиот јазик во државната администрација и во другите институции, а предизвика тензии поради неговото можно толкување како закана за македонскиот јазик и рамнотежата на силите меѓу етничките групи. Ова прашање стана тема на конфликт меѓу политичките партии. На 8 декември, пред Уставниот суд на Северна Македонија, Европскиот фронт одлучи да го „чува јазикот“. ДУИ заедно со толпа граѓани ја презентираше иницијативата „Чувари на јазикот“ која дојде како форма на протест против седницата на Уставниот суд. Но, еден ден по објавувањето на оваа иницијатива, на црната листа на САД влезе „најактивниот“ член на ДУИ, Артан Груби, со што избледе значењето на иницијативата.

09 декември 2024: Артан Груби беше ставен на црната листа и кривично гонет

Поранешниот вицепремиер на Демократската унија за интеграција, Артан Груби и судијата на Апелациониот суд Енвер Беџети се најдоа на Црната листа на САД, на која завршуваат лицата поврзани со корупција. На Меѓународниот ден за борба против корупцијата и во пресрет на Денот на човековите права, амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија, Ангела Агелер, информираше дека ја прошириле Црната листа, притоа преземајќи активности за промовирање на одговорност за сторителите за корупција и злоупотреба на човековите права ширум светот.

17 декември 2024: Одделот за борба против организиран криминал на Обвинителството во Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против поранешниот премиер Димитар Ковачевски, поранешниот вицепремиер Артан Груби, поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски и поранешниот директор на Лотарија на Македонија, Прпарим Бајрами и уште пет други лица. Тие се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластување“, „земање поткуп“ и „злоупотреба на постапката за јавен оглас, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“. Груби и Бајрами се обвинети дека го оштетиле буџетот на Државна лотарија со над 501 милиони денари.

Јавниот превоз во Скопје, заложник на политичките инаети

Од почетокот на годината во центарот на вниманието беше јавниот превоз во Скопје. Во текот на годината јавниот превоз често беше заложник на политичките инаети меѓу Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ. Советниците на оваа партија често не гласаа за предлозите на Арсовска во Советот на Град Скопје. Приватните превозници многу често не сообраќаа, поради, како што велат, долговите што ЈСП Скопје ги има кон нив. Најголемата штета од овие политички инаети ја претрпеа граѓаните, кои и денеска со часови чекаат автобуси.

Како што може да се забележи, во 2024 година имаше значајни настани и интересна динамика на политички случувања. И во 2023 година политичката сцена во Македонија беше полна со подеми и падови, понекогаш тивки периоди, а понекогаш со скандалозни одлуки. Измените што се случија во Кривичниот законик беа една од одлуките кои беа жестоко критикувани и од медиумите и од експертите, а и од меѓународниот фактор.

Дополнително, годинава имаше партиски движења во извршната власт, две албански партии ги сменија местата, едната од власт во опозиција, другата од опозиција на власт. На крајот на истата година беше одлучено датумот на двојните избори да биде 8 мај, а техничката влада, како што се договорија партиите од коалицијата СДСМ-ДУИ, да ја предводи албански премиер, а тој беше Талат Џафери.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе