Утре, 10 септември ( четврток ) 2026 година, во 12 часот, точно на пладне, во историскиот дел на Музејот на Македонија, ќе биде отворена изложбата „Боите на слободата“.
Изложбата претставува избор од колекцијата на Музејот на Македонија, со бројни историски предмети и документи, како и уметнички дела од Мартиноски, Личеноски, Родољуб Анастасов, Томо Шијак, Радмило Поповски, Борко Лазески, Трајче Николовски, Димитар Кондовски, Димо Тодоровски, Бранко Коневски, Љубомир Белогаски, Ангеле Ивановски, Драгољуб Маринковиќ – Пемкин, Василије Поповиќ – Цицо и Јордан Грабуловски.
Изложбата ќе ја отвори директорот на Музејот на Македонија, Александар Ристевски, заедно со дел од кураторскиот тим.
Во организацијата на изложбата учествуваат кустосите Марија Петковска, Татјана Трајковиќ, Анета Попантоска, Здравко Стојкоски и други стручни лица од Музејот.
Изложбата ќе трае во следните два месеца, во период во кој Музејот на Македонија ќе одбележи 50 години од изградбата на објектот.
“По повод 35 години од прогласувањето на независноста на Македонија, изложбата „Боите на слободата“ го одбележува државотворниот јубилеј преку најтрајниот белег на еден народ – неговото културно и уметничко творештво.
Изложбата претставува визуелен дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината, низ дела и предмети што сведочат за историските пресврти, стремежот кон слобода и процесите низ кои се обликувал современиот македонски културен идентитет.
Од традицијата на Охридската книжевна школа и македонската преродба, преку Илинденското востание и Крушевската Република, Народноослободителната борба и АСНОМ, па сè до референдумот од 8 септември 1991 година, изложбата го следи континуитетот на македонските стремежи кон слобода, достоинство и сопствена државност.
