Кочани, 06.08.2018
Со средства во висина од 15 милиони денари, обезбедени од Министерството за култура на Република Македонија започнаа градежните работи за реконструкција на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани.
„Согласно проектот, во оваа фаза ќе се работи на реконструкција на надворешноста на објектот. Веќе е извршена замена на надворешните прозорци и врати, а започнати се и активностите на влезната платформа, која ќе добие плочки од природен камен травел. Се менува и подната конструкција на источната влезна тераса, терасите на катот од источниот и западниот дел на Центарот, како и северниот влез. Салонитните табли на западниот дел од кровната конструкција, на површина од 322 м2, ќе се заменат со сендвич панел. Целата зграда ќе има нова термоизолациска фасада и соодветно осветлување“, информира градежниот инженер Марјанчо Јованов, кој врши надзор на градежните работи како претставник на Општина Кочани.
ИЛИЈЕВ: Станува збор за реконструкција на зграда која претставува национално богатство и своевиден симбол на центарот на Кочани, па квалитетот на активностите е од суштинска важност.
Градоначалникот Николчо Илијев истакнува дека станува збор за реконструкција на зграда која претставува национално богатство и своевиден симбол на центарот на Кочани, па квалитетот на активностите е од суштинска важност.
„Токму затоа минатата седмица одржавме состанок во просториите на Центарот за култура на кој присуствуваа главната проектантка, претставници на изведувачот, надзорот, главниот надзор и од Општина Кочани. Притоа ги истакнавме нашите заложби за крајно квалитетна изведба и намена на средства според проектот. Oчекуваме Центарот за култура да ја подобри надворешноста, по што ќе продолжиме со обезбедување финансии за санирање на критичните делови во внатрешноста на оваа културна институција“, вели градоначалникот Илијев.
Изведувач на работите во оваа фаза е претпријатието „Дрвопром“ од Мородвис, а надзор е „ЗИМ“, АД Скопје.
Средствата за реконструкција на Центарот за култура „Бели мугри“се обезбедени од Министерството за култура, првично во висина од 13,5 милиони денари, но по спроведената електронска аукција од јавната набавка, во која постигнатата најниска понуда беше за 437.823 денари повисока од обезбедените пари, се изврши измена на одлуката на Министерството за култура и се дообезбедија сите пари потребни за реализација на договорот.