ШТИП бара безбедно решение за сообраќајот додека трае изградбата на експресниот заобиколен пат кон Струмица
Штип, 03.02.2021
Изградба на експресниот пат-заобиколница околу Штип кон Струмица кој претпоставува проширување на старата коловозна лента од индустриската зона и негово приклучување кон експресниот пат кој е при крај на изградба, ги возбуди граѓаните на Штип, посебно жителите на Ново Село. Возбудата е резултат на објавата дека додека трае изградбата на 6 километри долгата заобиколница сообраќајот од југоисточниот дел на државата кон Скопје но и кон Кочани ќе се одвива преку градот Штип. Тоа значи дека многу камиони, шлепери, автобуси, автомобили, земјоделски машини, возила за изнесување на комуналниот смет, погребни возила ќе се движат низ новоселската клисура, ќе поминуваат низ Ново Село, порај црквата Свети Никола и одтаму низ градот до излезот од Штип.
На ваквото решение реагираа жителите на Ново Село но и дел од бизнис заедницата според чија проценка ќе се јават големи проблеми и во однос на нивното приклучување кон сообраќајницата.
Жителите на Ново Село собираат потписи за поднесување петиција од Општина Штип за да не се дозволи остварување на ова сообраќајно решение. Се навестува таква петиција и од засегнатите во штипското бизнис семејство.
Градоначалникот на Штип, Сашко Николов бргу реагираше на оваа нова ситуација. Тој денес одржа прес конферениција на која ги појасни нештата.
-Доколку сообраќајот се одвива по булеварот „Гоце Делчев“ и низ населбата Ново село ќе се создаде и дополнителен сообраќаен метеж, бидејќи ова е и влез и излез кон Скопје и кон Кочани и останатите општини од источниот регион, а дополнително низ овие улици се транспортираат и пациентите со возила на Итната медицинска помош не само од Штип, туку и од останатите општини од источниот регион. Тоа ќе биде проблем поради што десет дена јас сум во интензивна комуникација со Министерот за транспорт и врски, Јавното претпријатие за државни патишта и со сообраќајната полиција, рече Николов.
Градоначалникот ја изарази својата убеденост дека градот ќе наиде на разбирање институциите.-„Убеден сум дека заедно ќе го најдеме и добиеме најдоброто решение, како за граѓаните исто така и за јавните претпријатија коишто ги градат патиштата во нашата држава, бидејќи и тие ни се потребни како за функционирањето на приватниот, исто така и на останатиот сектор во нашата држава“, посочи Николов.
Николов уште изрази оптимизам дека кај надлежните институции имало слух за изнаоѓање решение за проблемот.-Очекувам идната недела да имам средба со првите луѓе надлежни за решавање на проблемот“, го изрази својот оптимизам Николов.
Инаку, низ делот на градот, каде што ќе се одвива сообраќајот од и за југоисточниот регион има и неколку стари склонопадни куќи. Сопствениците со години не можат да направат никакви интервенции на нив, бидејќи се заштитени со закон од страна на Министерството за култура. Тие стравуваат дека доколку по улицата поминуваат камиони над десет тони може да се случи некои од старите и дотраени згради и да се срушат.