Штип, 17.10.2021
Граѓаните од Источниот регион со големо внимание го исчекуваат исходот од локалните избори за стари или нови општински власти.
Во регуларно време изборите завршија, а веќе се пребројани и гласовите во девет од вкупно 11 општини во регионот. Само во општина Штип досега се избројани гласовите од 56 од вкупно 80 избирачки места, и во Општина Кочани каде од 63 избирачки места се избројани гласовите од 62 места.
Најголем одзив имало во Општина Карбинци каде процентот на излезени гласачи изнесува 71,46 проценти, потоа во Пехчево – 65,41 процент и во Чешиново-Облешево 65,12 проценти. Во Пробиштип гласале 66,04 проценти, во Берово 57, 55, во М.Каменица-56,64 и во Делчево-56,05 проценти.
Во Зрновци, најмалата општина во регионот каде има само 4 избирачки места гласале 55, 17 проценти, во Виница 52,22 проценти додека на исходот од изборите во Кочани и Штип, двете најголеми општини, сеуште се чека.
Во Штип ДИК објави дека се избројани гласовите од 56 од вкупно 80 избирачки места на кои гласале 52,17 проценти од вкупниот број на избирачи во општината, а во Кочани од од вкупно 63 избирачки места избројани се гласовите на 62, а излезноста досега е 47,10 проценти.
За тоа кои се старо-новите градоначалници ќе се знае по пребројувањето на гласовите, а вечерва ќе се знае и тоа дали и каде ќе се оди во втор изборен круг.
Пред истекот на овој ден, а веројатно и нешто порано, ќе се знаат и составите на новите Општински совети како и тоа која коалиција или партија во нив ќе има доминација.