Шест текстилни компании од Македонија, меѓу нив и „Албатрос“ и „Ларс“ од Штип на Саемот за безбедност, заштита и здравје при работа во Германија
Скопје, 22.10.2021
Текстилниот сектор што сочинува една четвртина од сите вработени во производство и придонес од 2,4 проценти од вкупно бруто-домашниот производ е значаен за Северна Македонија. Затоа, оваа година Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот првпат организира учество на А+А Саемот за безбедност, заштита и здравје при работа, што се одржува на секои две години во Диселдорф, Германија, најави директорот на Агенцијата, Дејан Павлески на денешната прес-конференција.Павлевски истакна дека по распишаниот оглас и строга селекција, во соработка со швајцарската програма за поддршка на извозот Сипо и Текстилно-трговското здружение – Текстилен кластер, овозможиле присуство на шест домашни компании од текстилната индустрија.
Под брендот „Invest North Macedonia“, компаниите „Златекс“, „Еуросолид“ и „Текстилсолушн“ од Скопје, „Албатрос“ и „Ларс“ од Штип и охридската компанија „Евроџинс“ од 26 до 29 октомври ќе присуствуваат на најголемиот настан во светот за професионална облека.
– Ова е навистина одлична можност на овие шест компании од текстилниот сектор да ги презентираат своите производи пред илјадници компании и посетители на овој саем, со што би ги продлабочиле своите извозни вредности на германскиот пазар и пошироко. Со ова би се зголемиле и нарачките и производството на овие шест компании, но и на останатите со кои имаат соработка, додава директорот на Агенцијата.
Тој посочи дека и покрај пандемските услови во земјата и светот, Агенцијата продолжува целосно да се фокусира на поддршка на македонските компании за поттикнување и зголемување на инвестициите, со цел поголема конкуренција, но и зачувување на извозот.
Наташа Сивевска од Текстилениот кластер изјави дека идејата за учество на саемот за работна облека започнала пред две години, кога организирале студиска посета со шест компании од државата, со цел да се разгледаат можностите за идно учество.
– Посетата беше одлично организирана и компаниите ја видоа можноста да преку учество на овој саем се стекнат со нови контакти што се важни за нивното идно производство. Понатаму, оваа соработка резултираше со дискусија во Агенцијата со што заедно се договоривме дека може да се изврши поддршка за учество на саемот и дека истата ќе биде објавена до сите текстилни компании заинтересирани за учество. Се селектираа шест компании, заедно со нив поминавме еден долгорочен процес на подготовка, повеќе од половина година, појасни Сивевска.
Таа очекува штандот на компаниите да биде привлечен за посетителите, како и да остварат контакт со компаниите што ќе учествуваат на саемот.
– Шесте компании се водечки во областа на производство на заштитна и корпоративна облека. Ние веќе во процесот на подготовка имавме контакти со други организации со коишто ги промовиравме нашите активности за учество на саемот и веќе имаме конкретни контакти од странски купувачи кои најавија посета на нашиот штанд и сметам дека навистина ќе имаме добри резултати, најави Наташа Сивевска.
Љупка Миладинова Џамбазовски, од штипската компанија „Албатрос“, вели дека е од исклучителна важност учеството со поголем тим, што може да послужи како добра референца за понатамошни индивидуални учества.
– Нашите компании што произведуваат работна облека го посетуваат редовно саемот. Последниот саем што беше пред две години зедовме учество во студиската посета заедно со други компании од нашата земја и имаше подобар тек со оглед на тоа што освен ротирањето по штандовите на нашите важни купувачи имавме и организирано состаноци со поголеми компании со кои развиваме дискусија за потенцијална идна соработка, додаде таа.