Кочани, 22.10.2021
Во „Атом стеел“ во Кочани каде некогаш функционираше работната единица Машинска индустрија во рамките на РОИС „Атом“ во Кочани, во автентичен амбиент, беше промовирана монографијата „Тодосија Паунов -од Речани до македонскиот парламент“ од авторите Славица Цветкова и Јане Атанасов од Кочани.
Монографијата е инспирирана од ликот и делото на некогашниот успешен стопанственик и долгогодишен директор на надалеку познатото транспортно претпријатие „Атом“, претседател на Собранието на општината Кочани, пратеник во македонскиот парламент во неговиот прв и втор состав, хуманист и иницијатор за решавање на многу важни прашања од животот на луѓето во сите населени места во некогашната општина Кочани, добитник на бројни одликувања и признанија од кои и Наградата за животно дело на општината Кочани која му е доделена постхумно во 2012 година.
Издавач на монографијата и печатар е печатницата „Европа 92“ од Кочани. Отпечатена е во тираж од 300 примероци. На над 200 страници текст и фотографии авторите Славица Цветкова и Јане Атанасов преку користење на различни публицистички техники го презентирале животописот на Тодосија Паунов кој со она што за својата општина и земјата го направи трајно е врежан во меморијата на луѓето не само во Кочани, Македонија, поранешните ЈУ простори туку и во многу средини во Европа и Блискиот Исток.
За монографијата говореше професорот Крум Николовски од Делчево, еден од рецензентите на овој монографски труд. На промоцијата покрај членовите на семејството на Паунов присуствуваа и голем број негови некогашни соработници и почитувачи на неговото дело.