Во Кочани изгоре маж, за идентитетот ќе се прави днк анализа
Кочани, 09.03.2017
- Иако се смета дека изгореното лице е 62 годишен маж кој живеел во пеплосаната барака, а кој имал многу проблематично поведение, вистината ќе се знае по извршената днк анализа
На дваесет минути пред полноќ, во голем пожар кој пеплоса лимена барака лоцирана на улицата „Охридска“ во Кочани изгоре маж. Претпоставките на кочанската полиција одат во насока дека се работи за маж на 62 годишна возраст кој во бараката нашол можност за свое сместување.
Гордана Панајотова, портпарол во СВР Штип ни изјави дека веднаш по избувнувањето на пожарот на местото на настанот се нашла кочанската полиција и противпожарна екипа на територијалната противпожарна едница од Кочани, која успеала само да спречи пламенот да не се прошири на други објекти. Кога полицајците во присуство на пожарникарите влегле во опожарениот објект наишле на стравичен призор: на подот лежело целосно изгорено тело на маж.
Полицијата не сака да шпекулира за кое лице се работи, а за утврдување на неговиот идентитет ќе се прави днк тест.
Сепак соседи на опожарениот објект во Кочани се сигурни дека се работи за 62 годишникот кој живеел сам во бараката, а кој многу често си имал работа со органите на безбедноста.
Сепак, конечниот одговор ќе биде познат по обдукцијата на телото, а со најточни податоци за лицето кое го загуби животот во пожарот од СВР Штип ќе излезат во наредните неколку денови.
(в.б.)