Која е „Златната дванаесетка“ според бројот на вработени во Источниот регион?
Штип, 05.10.2022
Дванаесет компании од автомобилската индустрија, текстилството, рударството, цвеќарството, малопродажбата, дрвната и прехранбената индустрија, производство на батерии и акумулатори се меѓу стоте стопански и трговски капацитети во државата со најголем број вработени.
На чело на оваа „златна дванаесетка“ е кочански Амфеонол Технолоџи кој крајот на минатата година го дочека со 2.185 вработени. Компанијата произведува кабли за автомобилската индустрија и е американска инвестиција. Оваа компанија е на трето место по вработеност во државата.
На второ место во регионот е Адиент Сеатинг (поранешен Џонсон Контролс) кој лани имал 1853 вработени. Се работи исто за американска инвестиција, а компанијата произведува навлаки за автомобилски седишта. На државно ниво компанијата го зазема осмото место.
Булмак е компанија која во своето семејство ги има рудниците за олово и цинк Злетово во Пробиштип и Тораница во Крива Паланка и вработува 798 рудари со што се забетонира на 28 место во Македонија.
Кит Го штипска компанија за малопродажба со прехранбени производи лани, на крајот од годината, регистрила 783 вработни. Таа на листата од стоте најголеми работодавачи во нашата држава го зазема 30 место.
Рудникот за олово и цинк Саса кај Македонска Каменица има 720 вработени и е на 34 место во државата. Ако се гледа поединично, Саса има најголем број вработе ни во рударското семејство во државава.
Антура – Кочани која произведува саден материјал од орхидеа и антуриум има 589 вработени. Се работи за холандска инвестиција.
Винички Макпрогрес секој месец обезбедува 526 плати за исто толкав број вработени, се работи за фирма од прехрабнбата индустрија.
Табмак е поранешната фабрика за акумулатори во Пробиштип, таа е словенска инвестиција и има 519 вработени.
Штипска Актива ДОО на крајот од минатата година имала 473 вработени лица.
Мода е светиниколска конфекција и има 424 работници.
Рудникот Бучим има 380 вработени..
Во Малешевијата, во Пехчево е фабриката за столици ДИК Фагус која е од дрвната индустрија, таа е штипска инвестиција а во фабриката работат 362 лица.