БЕРОВО: Туристичката населба осветлена, езертото преполно, асвалтот стигна до пред портите на Аурора, а јавноста се занимава со евентуалниот хотел на Стефан Богоев
Берово, 14.11.2022
Додека нацијата се занимава со прашањето дали семејството на Стефан Богоев, екс градоначалник на Општина Карпош и актуелен потпретседател на СДСМ купил плац од 7.000 метри квадратни на брегот на Беровско езеро за изградба на хотел од четири ката, во медиумите никако да се прочита или види вест за тоа како се развива овој преубав крај во функција на неговата туристичка просперитетност и во функција на пристојна социо економска иднина на жителите од Малешевијата.
Имено, летово туристичката населба околу езерото, по првпат од постоењето, целосно е осветлена, од првата до последната вила. Во ова меѓувреме државната и локалната власт го послушаа барањето на туристичките работници за сопирање на работата на малата хидроцентрала на браната на езерото која правеше голема штета по туризмот. За потреби на мало производство на електрична енергија се празнеше најмалку една третина од водата во езерото кое полупразно, и тоа преку лето и во ек на најголемата туристичка сезона, изгледаше катастрофално. Денес езерото е полно до врв, погледот на него у преубав, а прошетките по одамна изградената патека околу него се вистински празник за очите на секој дојденец.
„Туристичката населба се развива во вистински туристички убавец, Последниве години се реализираат проекти кои на овој преубав крај му даваат една нова димензија, и тоа е она кое треба да се работи ако сакаме од Малешевијата да направиме привлечна туристичка дестинација која ќе развива туризам во сите дванаесет месеци во годината“, вели Славчо Сирачевски, сопственик на Аурора спа и ресорт, туристичкиот бисер на овој крај.
А сега да видиме што е со имотот кој, наводно го купило семејството на Богоев на брегот од езерото.
Во разговор со луѓе кои имаат викендички веднаш до (не)спорниот плац кој се спомнува како купен од Богоев, ни беше речено дека се работи за вистина, односно дека и тие имале информација оти сопственикот-физичко лица го продал плацот но не знаеја да кажат точно кој е купувачот иако се споменувало и името на Богоев. Соговорниците уште ни рекоа дека немаат информаци што ќе се гради, ако нешто се гради на таа локација но додадоа дека би било прекрасно ако се гради хотел, зашто за развој на вистински туризам на брегот од езерото требало да има најмалку десеттина, а не само еден-два хотели бидејќи само една ластовичка во туризмот не може да ја чини туристичката пролет.
Од ВМРО ДПМНЕ обвинија дека ДУП-от на брегот од езерото е донесен во време кога градоначалникот на Берово е сопартиец на Богоев (локалната власт во Берово е на СДСМ) но од општината изјавија дека ДУПОТ е донесен многу години пред Звонко Пеќевски, актуелен градоначални кој го тера вториот мандат, да биде избран на оваа функција.
И самиот Богоев во изјава за медиумите ја демантираше изјавата на портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Стоилковски со укажување дека на брегот од Беровско езеро, на локацијата која опозицискатта партија ја споменува, ниту се гради ниту ќе се гради хотел.