Во предворјето на пеколот!?

Пишува: Веле Митаноски
Пишува: Веле Митаноски

Нашата татковина, Република Македонија, од синоќа, влезе во еден вид предворје на пеколот! Беда, збунетост, страв, неизвесност! Чувство дека се нема иднина, минато, ниту сегашност!

Полицијата, платена и задолжена да не чува сите – до најобичните смртници, најнапред ги пушти насилниците да тепаат новинари и пратеници, а потоа покажа дека има сили и средства да ги отстрани, а повредените да ги евакуира!? Зијадин Села, заврши со тешки повреди, само еден Господ не спаси од најлошото:  На насилството да се одговори со уште поголемо насилство, да дојде до мегуетнички судири, ужасот без крај да заврши со ужасен крај!

За среќа, народот уште еднаш победи. Оној што остана дома, покажа мир, возврати со  трпение! Уште еднаш ја покажа мудроста, пред лудоста на политичарите. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, човекот кој ги држи во свои раце уздите на партизираните институции, или она што останало од истите и секогаш во “зорзоман” заминува, или се враќа од странство, божем повикува на мир, истовремено повикувајќи се на “неговиот народ!”,префрлајќи го кабаетот на политичките душмани!

Човекот, кој се одзива на функцијата претседател (на сите грагани!?) на Република Македонија, во моменти, додека ги линчуваа на нивните работни места во Собранието, “ги повика лидерите на парламентарните партии да дојдат во неговиот кабинет на лидерска средба за да ја разгледале новонастанатата состојба и сите опции за смирување и за наоѓање излез од новонастанатата состојбa!!!

Каква “лидерска” , каков “кабинет”, црни Ѓорѓе!?

Како да дојдат – со распукани глави, на патерици, на носила – ли!? Наместо да покаже трунка човечност и емпатија, во моменти кога некои се бореа за живот, наместо да излезе од “неговиот кабинет” и да види дали се живи и здрави, тој со “мирна глава и чиста совест” ги повикува на лидерска средба???!!!

Претчувството е глас Божји, во густа темна шума! Затоа, треба навреме да се препознае. Вчерашниот ден го минав во некаква јанза, дека “Црниот понеделник” ќе ни се повтори во уште пострашен “Црн петок!”. Но откако го видов повикот на Богдан – Боби Илиевски: “Бидете спремни”, веќе знаев дека злото ита со побрзи чекори.

Му се обратив лично, не како кон некаков нов месија, туку родителски, имајќи ја сликата пред себе од времето кога беше паметно, просперитетно момче, дел од една радиска екипа која и дава печат на убавината и питомоста, на уште поубавиот Охрид.

Се понадевав дека ќе допрам до него и лугето што ги предводи. Со порака, со апел дека  насетувам нешто лошо. Пауло Коелјо, во “Вештицата од Портобело”, пишува дека 25 отсто учиме од учителот, уште толку слушајќи, па уште 25 отсто со пријателите, а останатите 25 отсто – со годините! Животната “километража” ме научила дека сила со идеја е револуција, сила без идеја е насилство! Tрагедијата е лузна што секогаш сами ќе си ја носиме! Се понадевав дека ќе ја спознаат вистината и таа ќе ги ослободи (Апостол Јован).

Му се обратив како на чедо на пријатели  – угледни грагани на Охрид: Боби, сине, симни се од небесата на заблудите!Наврати и се на мислата на Гете од Фауст:Човекот има две души, една која го воздигнува во небото, друга која го влече по земјата!Препрочитај го уште еднаш Е.Хемингвеј: На највозвишените крстопати на животот, нема никакви знаци (и предупредувања), потребно е самиот да ги препознаеш! Онаму каде што е љубовта, сине, таму не продира темнината!Таму каде се љубиме, никогаш не е мрак! Омразата ја храни одмаздата, простувањето не ослободува!

Во моменти, кога на нацијата, разединета со конфликти, е неопходно да и го вратиме чувството на заедништво и одговорност над заедничката судбина. Можеме да имаме меко срце, но не смееме да си дозволиме да бидеме со слаб ум. Но, кога веќе умот кај некои попуштил, кога веќе се најдовме на самиот гребен пред трагедијата, не ни останува ништо друго, освен да возвратиме со трпение! Се ќе ни дојде навреме ако умееме да почекаме. Во секој почеток е крајот и во секој крај се раѓа нов почеток. Сите на некој начин си ја носиме својата голгота.Има страдања кои значат победа. Што би било од христијанството, да не беше Голготата!? Никој не може да ја дочека зората, а да не помине низ ноќта (Халил Џубран)

Во целата оваа трагедија, во нашиот очиглед – кога се руши поделената куќа, сите ние,  покрај општата, национална, ја доживуваме и личната, макар нека биде и само професионална, трагедија. Најплодните години ги минав во Вечер и Танјуг. Ивона Талевска и Латас, синоќа во собраниската сала ликуваа над раскравените глави на пратениците, а Каракамишева, се рашетуваше од Сител до ТВ Нова и натаму!

Нашето новинарство, се разбира со чесните исклучоци, денес се испишува со истите крвави раце на политичарите! Се е спин и класична замена на тези? Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, вчера, на прес конференција изјави: “Начинот на дејствување на Заев е дејствување на политички очајник кој во кризата ја гледа својата последна политичка шанса“!

Земете ја истата реченица, наместо Заев, напишете Груевски, или Иванов и ќе  добиете: “Начинот на дејствување на Груевски (Иванов) е дејствување на политички очајник кој во кризата ја гледа својата последна политичка шанса“! Дали и натаму има нешто нејасно!? Латасовштината е подеднаква рга со Груевизмот, која го гризе нашето општество. Тврдите ушиња на Иванов и Груевски, не слушаат што кажува светот, пријателите, медиумите со интегритет, туку “си се  редауваат со сличните на нив”: Латас и Ивона!?

Непосредно пред “Kрвавиот четврток”, од Вашингтон, Мекејн порача: Загрижен сум за Македонија, напнатоста е голема, ситуацијата излегува од контрола и бара поголем ангажман од САД, но и од ЕУ. Овој политичар, уште истата вечер, кога изгуби во трката за претседател на САД во 2008, како кандидат на Републиканците од демократскиот кандидат Барак Обама, изјави: “До денеска јас му бев противник, од вечерва е тој мојот претседател!”.

Ете, тоа е земја, тоа е слободна демократија, тоа е мирен и цивилизиран пренос на власт! Уште вчера напишав: Токму сега и токму овде, ова би било, едно актуелно потсетување за Иванов и Груевски, иако знам дека од едното уште ќе им влезе, а од другото ќе им излезе!

И БИ ТАКА, И БИДНА – НАШАТА НЕБИДНИНА!!!

 

 

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе