За Фирерот и за нашата стварност

Штип, 30.04.2017

  • Адолф Хитлер, чиј живот згасна на денешен ден, на Германците им вети дека за 10 години нема да си ја препознаат својата земја. Што вети, тоа и оствари
Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

На денешен ден, во 1945 година згасна животот на Адолф Хитлер, човекот кој ја предизвика Втората светска војна која беше најкрвава во целиот тој век, а во неа животите ги загубија над 57 милиони полнолетни граѓани, жени и деца.

Историјата не подучува дека вистинскиот подем на Хитлер започува на 30 јанари 1933 година кога тој го наговара претседателот Фон Хинденбург да го назначи за канцелар, откакон претходно ја формира Националсоцијалистичката работничка партија. Година дена потоа Хинденбург умира, а Хитлер ги приграбува за себе двете функции па си се нарекува Фирер (Водач). На германците им се обраќа со ветување дека за 10 години нема да си ја препознаат државата, дека Третиот рајх (Третото царство) ќе трае најмалку 1.000 години. Со Германија Хитлер владее 12 години. По неговата смрт, на 30 април 1945 година, германците заклучуваат дека Хитлер „остварил“ само едно од своите големи ветувања: тие навистина не можеле да си ја препознаат својата Германија. Од нивната држава не останало ништо, градовите и селата биле уништени, милиони германци ги загубиле своите животи, сé во државата станало прав и пепел. Третиот Рајх наместо 1.000 траел само 12 години.

Ја следам ситуацијата кај нас..Па се нешто ме влече на правење паралела помеѓу Фирерот и нашиот „Голем водач“. Ова бидејќи јас денес, посебно после масакарот во Собранието, не можам да си ја препознаам мојата држава, не можам да препознаам некои мои познаници од истокот на Македонија кои учествуваа во линчот на пратеници од страната на политичкиот противник на нивниот голем Водач.  Масакар кој, во тоа целосно сум убеден, беше осмислен и координиран од  еден политички центар со кој раководел токму Водачот.

Затоа прашањето ми е: ќе научиме ли ние нешто од најлошиот период на историјата на 20 век во кој, разни Фирери со своите националистички, нарцисоидни политики предизвикаа загуба на 86 милиони човечки животи, од кои 57 милиони однесе Втората светска која ја започна токму лудиот Водач?.

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе