Милош Биковиќ, гостинот на премиерот Мицкоски, носител на руската „мека моќ“

Гостинот на премиерот, освен што е со потекло од Берово, во 2021 година се стекна со руски пасош и државјанство и беше лично одликуван од  Путин за неговиот придонес во руската култура. „Меката моќ“ на Милош Биковиќ е значајна за Русија – тој служи како познато, симпатично лице кое не ја критикува Русија, што во ерата на меѓународна изолација е многу вредно. Неговата популарност ја прави руската култура „пристапна“ и „пријателска“ за балканската публика. Украина, пак, го обвинува дека учествувал во продукции снимани на Крим – украинскиот полуостров што Русија го анектираше во 2014 година – и дека ја поддржал руската инвазија на земјата, пренесува Вистиномер.

Пишува: Мирослава Симоновска

Премиерот Христијан Мицкоски неделава на Инстаграм со фотографии ја „круниса“ својата средба со српскиот (и руски) актер Милош Биковиќ. Мицкоски објави дека го примил Биковиќ на разговор за идно инвестирање во хотелски и рекреативен комплекс во Берово од каде што Биковиќ имал потекло.

 

 

Гостинот на премиерот, освен што е со потекло од Берово, во 2021 година се стекна со руски пасош и државјанство и беше лично одликуван од претседателот на Русија, Владимир Путин за неговиот придонес кон руските уметност и култура. И не само тоа, неговото име е предмет на контроверзи – Украина го посочува како личност преку која Русија остварува таканаречена „мека моќ“. Концепт, според кој земјите, во случајот Русија, ги користат културата и нејзиното влијание за да добијат симпатии во странство и на таков начин да ги реализираат своите интереси. Затоа на Украина не ѝ беше сеедно кога во 2024 година телевизијата ХБО објави дека Биковиќ ќе биде нивниот актер во третата сезона на популарната серија „Бел лотос“.

Тогаш, преку официјалните канали на Министерството за надворешни работи на Украина, земјата сподели протестна порака, прашувајќи ја телевизијата ХБО „дали е во ред за нивната продукција да работат со човек кој поддржува геноцид и го прекршува меѓународното право“, мислејќи на Биковиќ.

Српскиот актер Милош Биковиќ кој ја поддржува Русија од почетокот на инвазијата, сега ќе игра улога во третата сезона на серијата на ХБО „Белиот лотос“. ХБО, дали е во ред за вас да работите со човек кој поддржува геноцид и прекршување на меѓународното право?напишаа од Министерството за надворешни работи на Украина.

Потоа ХБО го отстрани Биковиќ од списокот актери за серијата.

Самиот Биковиќ не ја крие својата поврзаност со Русија, а во јавните настапи зборува и за поврзување на руската и српската култура и за „заедничкиот културен код“ на двата народа. Во неговите говори тој зборува за „рускиот свет“ – кој го опишува како свет што не е само на Русите и на православните туку „претставува свет што го бара и создава духовно оформениот човек со карактер, совест и традиционален систем на вредности“. Во неговите настапи во Србија, пак, за Путин нема критики туку оправданија.

Во Русија живеам и работам 7 години и чувствувам дека сум дел од оваа реалност и овој културен живот. Тука веднаш се почувствував како дома, многу логично чувство. Тоа е само една потврда дека сум дел од оваа култура и дека оваа култура е дел од мене. Русија стана мој дом. Ќе продолжам да живеам како секогаш, ќе продолжам да креирам и во Србија и во Русија, да ги развивам заедничките проекти кои ги поврзуваат нашите сродни култури и народи. Не ни мислам дека „сродни“ е правилниот збор – не мислам на двата народа како различни, тоа е еден културен код. Мора да го сфатиме тоа и да се бориме за културата. Културата и во Русија и во Србија е под закана. Нашиот систем на вредности е под закана. И уште повеќе, има систем на замена на културни и историски факти. Треба да создадеме култура што ќе го засили идентитетот на овие две нации. Тоа е значењето на „сродни“ народи, кога ја знаете историјата и како резултат на тоа се чувствувате поблиски, изјави Биковиќ за добивањето на своето руско државјанство.

Како ѕвезда во бројни руски продукции, Биковиќ редовно зборува за неговото воодушевување од руската култура. Киев извести дека снимал филмови во Крим – украинскиот полуостров што Русија го анектираше во 2014 година, и дека не ја осудил руската инвазија на Украина. Набрзо откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, Биковиќ споделил анкета која покажувала дека довербата во рускиот претседател Владимир Путин била повисока од онаа за претседателот на Украина Володимир Зеленски. Актерот има  јасна и позитивна врска со Владимир Путин, особено преку културните награди и државјанството што ги добил.

„Меката моќ“ на Милош Биковиќ е значајна за Русија и содржи повеќе елементи преку кои тој влијае на јавното мислење и на културната дипломатија во корист на Русија — без употреба на сила или политички средства. Во западен контекст, неговото одбивање да ја осуди руската агресија (како што направија многу јавни личности) е толкувано како пасивна поддршка. За Русија, тоа е златна вредност: тој служи како познато, симпатично лице кое не ја критикува Русија, што во ерата на меѓународна изолација е многу вредно. Неговата слава, поврзаност со Русија и внимателна реторика му овозможуваат да биде тивок, но влијателен носител на проруска перцепција во регионот и пошироко. Неговата популарност ја прави руската култура „пристапна“ и „пријателска“ за балканската публика додека Украина го обвинува дека учествувал во продукции снимани во Крим и дека ја поддржал руската инвазија на земјата.


Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press