Роберт Дувал, оскаровец и еден од најкарактерните актери на американскиот филм, почина на 96-годишна возраст. Веста ја потврди неговата сопруга Лусијана Педраса Дувал, наведувајќи дека починал мирно во својот дом во Вирџинија. Семејството соопшти дека нема да има јавна погребна церемонија.
Кариерата на Дувал, долга седум децении, не може да се сведе на еден наслов или еден тип улога. Иако публиката често го памети како Том Хејген, тивкиот и пресметлив адвокат на семејството Корлеоне, неговиот актерски опсег беше многу поширок.
Од раните театарски години во Њујорк, преку подемот во шеесеттите и седумдесеттите, Дувал создаваше ликови на авторитети, војници, проповедници и луѓе на работ на распад, со ист занаетчиски фокус. Оскарот за главна улога во Tender Mercies само формално потврди дека може сам да понесе филм.
Во продолжение се десет филмови по кои ќе го паметиме.
To Kill a Mockingbird (1962)
Филмската адаптација на романот на Харпер Ли е раскажана од детска перспектива, но зборува за длабок општествен судир: адвокатот Атикус Финч брани Афроамериканец обвинет за силување на бела жена на сегрегираниот американски Југ.
Улогата на Дувал е мала, но клучна. Со воздржана телесност и тивки погледи, тој создава лик кој од урбана легенда постепено станува вистинска, ранлива личност.
MAS*H (1970)
