Штип, 23.07.2017
Како што претходно најави Истокпресс, денес во една од индустриските зони кај Штип беше уништена бомба од Втората светска војна. Бомбата беше откриена пред околу еден месец. На овој процес над шест часа работеа пиротехничари но и безбедносни специјалци од АРМ, за на крајот сите да останат задоволни: и експертите и граѓаните и стопанствениците кои имаат свои објекти во близина на критичното место, а кои стравуваа дека од сеизмички потрес кој би можел да го предизвика експлозијата би можело да дојде до тешко оштетување на скапите машини и друга софистицирана опрема.
Се покажа дека бомбата тежела околу 250 килограми и била полна со 160 килограми експлозив. Идејата за транспорт и уништување на воениот полигон Криволак беше напуштена зашто експертите проценија дека бомбата имала две хемиски запалки кои при транспорт би можеле да ја активираат.
Пиротехничарите ја сместија бомбата во дупка длабока 4 метри која до половина беше наполнета со песок, а и останатиот дел беше заштитен за да се амортизира силината на детонацијата. По повеќе од шестчасовна работа се слушна силна експлозија по што се покажа дека уништувањето е извршено безбедно за сите.
А тоа беше и генералната цел на оваа операција која еден месец го возбудуваше градот под Исарот.