Зоран Спасов Ѕоф: Големите луѓе не се раѓаат како споменици

За Гоце Делчев се напишани многу историски книги, студии и биографии во кои се претставени неговото дело, идеалите и револуционерниот пат. Но, без амбиција да создаде уште едно историско четиво, Зоран Спасов Ѕоф во својот најнов роман „Гоце Делчев: Љубов и смрт“ се обидува да го открие човекот зад револуционерот.

Три месеци по големата промоција, одржана на отворањето на Саемот на книгата на 23 април 2026 година, разговаравме со Ѕоф за тоа што ново открил за Гоце Делчев додека ја пишувал книгата, зошто големите личности не треба да останат само бронзени фигури од учебниците и каква порака сака да им остави на читателите.

Романот е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“, како и претходните пет книги на Зоран Спасов Ѕоф: „Торонто Експрес“, „Тито – мојот претпоследен херој“, „Џабе живиш у Скопје“, „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“ и „И јас сум Сирма“.

Со својот препознатлив стил, кој ги спојува историјата, хуморот, личниот поглед и човечката димензија на големите личности, Зоран Спасов Ѕоф продолжува да создава приказни што ги доближуваат важните теми и личности до современиот читател.

*Во изминатите пет години твоите книги се на врвот на листите со најпродавани наслови за возрасни во книжарниците „Литература.мк“. Како го доживуваш фактот дека читателите постојано им се враќаат на твоите приказни и ликови?

– Со огромна благодарност, но сè уште и со извесна доза неверување. Пишувањето е прилично осамена работа. Седиш сам пред празен екран, измислуваш луѓе, разговараш и се расправаш со нив, а потоа еден ден тие излегуваат од твојата соба и почнуваат да живеат во домовите на илјадници читатели.

Најголемата награда за мене не е само податокот дека некоја книга е продадена во голем тираж, туку сознанието дека читателите во неа ги препознаваат своите родители, пријатели, љубови, стравови и заблуди. Тогаш знам дека приказната не завршила со последната страница.

Веројатно чувствуваат и дека никогаш не им пишувам од височина. Јас сум еден од нив, со исти грижи, слабости и надежи. Само што имам некаква потреба, а и малку талент сето тоа да го преточам во книга.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press