Канадскиот премиер Марк Карни ја поздрави идејата Канада да стане прва придружна членка на ЕУ, повикувајќи на длабока соработка меѓу Европа и неговата земја за да се зачува нивниот суверенитет, откако Доналд Трамп ја исмеа таа идеја нарекувајќи ја смешна.
Во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур, канадскиот премиер изјави дека анкетите покажуваат оти огромно мнозинство Канаѓани поддржуваат многу потесни врски со Европа. „Канада ја поздравува оваа идеја“, рече тој, осврнувајќи се на предлогот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Канада да стане прва придружна членка на ЕУ.
„Канада и Европа треба да ја обезбедат нашата стратешка автономија преку длабока соработка во целиот опсег на стратешки капацитети“, рече Карни, набројувајќи сектори како што се критичните минерали, енергетската безбедност и вештачката интелигенција.
Фон дер Лајен во средата ја покани Канада да стане прва придружна членка на ЕУ, во говор во кој изјави дека сака да ги подигне билатералните односи на највисоко можно ниво. Неколку часа подоцна, Трамп се закани со многу сериозни царини за Европа доколку планот се реализира.
Прашан за заканите на Трамп, Карни им рече на новинарите: „Канаѓаните се обединети во ставот дека никој нема да ни кажува каков јазик зборуваме. Никој нема да ни ја диктира културата или со кого можеме да склучуваме меѓународни договори“.
ЕУ и Канада, кои веќе имаат мрежа од билатерални трговски и секторски договори, во последните месеци се обидуваат да се зближат со оглед на трговските царини и постојаната агресивна реторика на Трамп.
Карни доби овации од пратениците во Европскиот парламент во Стразбур, кои чекаа ред за да се ракуваат и да направат селфи со него. Европските пратеници од мејнстрим партиите што ја поддржуваат ЕУ веќе го пофалија јануарскиот говор на Карни во Давос, во кој тој повика земјите од средна големина да соработуваат за да го зачуваат својот суверенитет во свет на ривалство меѓу големите сили, каде што силните не прифаќаат никакви ограничувања.
Карни повторно се осврна на оваа тема во Стразбур, велејќи: „Канада и Европа се силни поединечно. Европа и Канада се посилни заедно. Целта не е самодоволност, туку колективна отпорност“.
Тој додаде: „Не предлагам формирање трет блок за да станеме ривал на големите сили, само со подобри манири“, истакнувајќи дека сојузот меѓу ЕУ и Канада би бил светилник за другите демократии.
