Македонските православни верници во Салцбург и околината добија своја црковна општина, која ќе го носи името „Св. Архангел Михаил“.
Новата црковна општина е основана со благослов на митрополитот европски Пимен и ќе дејствува во рамките на Европската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Почетокот на организираниот црковен живот на македонската православна заедница во Салцбург беше означен на 19 септември со отслужување на првата Света архиерејска литургија, по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица.
Со литургијата чиноначалствуваше митрополитот европски Пимен, во сослужение со отец Јован. На богослужбата присуствуваа бројни македонски православни верници кои живеат во Салцбург и во околните места.
Со основањето на црковната општина „Св. Архангел Михаил“ започнува ново поглавје во духовниот и црковниот живот на македонската заедница во овој дел на Австрија.
Во рамките на општината ќе се организираат редовни богослужби и други верски активности, а верниците ќе добијат место за заедничка молитва, духовно поврзување и негување на православната вера и македонската црковна традиција.
Новата црковна општина ќе работи под духовна и канонска надлежност на Европската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
