Министерство за енергетика: Наплатата од концесии надмина 1,2 милијарди денари, раскинати се 53 договори

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини презема конкретни мерки за повисоко вреднување на природните ресурси, доследно исполнување на концесиските обврски и поефикасен надзор во рударството. Зголемени се концесиските надоместоци, наплатата во 2025 година надмина 1,2 милијарди денари, евидентирани се 53 раскинати концесиски договори, а во 2026 година инспекцискиот капацитет е зајакнат со тројца дополнителни инспектори.

Со новиот Тарифник, во примена од 1 јануари 2025 година, кај металичните минерални суровини концесискиот надоместок е зголемен од 2% на 4%, а кај мермерот од 1% на 5%. Со овие измени се зголемува финансиската обврска на концесионерите за користењето на природните ресурси, како и придонесот што државата го остварува од нивната експлоатација.

Вкупната наплата од концесиски надоместоци во 2024 година изнесувала околу 561,5 милиони денари, а во 2025 година достигнала околу 1,222 милијарди денари. Тоа претставува зголемување од повеќе од 660 милиони денари, независно од даноците и придонесите што компаниите ги плаќаат по други основи. 

Паралелно со подобрената наплата, Министерството постапува и во однос на концесиските договори. Растот на наплатата произлегува од повисоките надоместоци, засилените теренски проверки, писмените опомени и поодлучното постапување кон концесионерите што не ги исполнуваат обврските. Раскинувањето на договорите и зајакнувањето на инспекцискиот надзор се дел од пристапот во кој концесијата подразбира јасни обврски, а плаќањето надоместок не ги ослободува операторите од исполнување на техничките услови и обврските за заштита на животната средина.

За долгорочно и системско уредување на секторот е донесена Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини за периодот 2026–2046 година, со експертски придонес од МАНУ, а за документот е спроведена стратегиска оцена на влијанието врз животната средина и јавна расправа. Стратегијата ги поврзува економските цели со заштитата на животната средина и социјалните аспекти, а содржи и акциски план за периодот 2026–2030 година. Таа обезбедува рамка за планирање, спроведување и следење на мерките за развој на секторот.

Министерството работи и на нови законски решенија во областа на рударството и геологијата. Предложената рамка предвидува финансиско покритие од 100% на проценетите трошоци утврдени со соодветниот план за управување со рударски отпад и поврзаните обврски. Со тоа, наместо сегашниот модел во кој гаранцијата изнесува околу една третина од проценетите трошоци, финансиската обезбеденост би била приближно трипати построга. Целта е да се зајакне финансиската одговорност на операторите и навреме да се обезбедат средства за санација, рекултивација и обврските по затворањето на рударските капацитети. 

Во подготовката на законските решенија беше овозможено учество на јавноста преку ЕНЕР, вклучително и на експерти, општини, компании, граѓански организации и поединци. На веб-страницата на Министерството се објавени регистри на концесиски договори, список на одземени концесии, како и регистри на овластувања и лиценци за рударски проекти и геолошка документација. Објавувањето на овие документи овозможува проверка на конкретни информации и придонесува за поголема транспарентност во секторот.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе