Две лица загинаа, а повеќе се повредени во тешка сообраќајна несреќа што утрово околу 7:25 часот се случила на автопатот А3 во Хрватска, во близина на клучката Иванич Град, во правец кон Загреб, пренесува Н1.
Според информациите од хрватската полиција, во несреќата се превртел автобус со српски регистарски таблички. На местото на несреќата биле испратени итни служби, меѓу кои и пожарникари, а бил ангажиран и хеликоптер на итната медицинска помош.
Повредените ќе бидат пренесени во болниците во Загреб. Засега не е соопштен точниот број на повредени, ниту колку од нив се здобиле со потешки повреди.
„Утрово, 8 ноември, околу 7:25 часот, на автопатот А3, на 61. километар во правец кон Загреб, непосредно по клучката Иванич Град, дошло до превртување на автобус со српски регистарски ознаки, при што две лица загинале. Повеќе лица се повредени и ќе им биде укажана лекарска помош во болниците во Загреб. Сообраќајот е забавен и се одвива по левата сообраќајна лента. Увидот е во тек“, соопштила полицијата.
Поради несреќата, сообраќајот на овој дел од автопатот се одвива забавено, само по левата лента. Полицијата врши увид за да ги утврди причините и околностите под кои дошло до превртувањето на автобусот.
Засега не се објавени дополнителни информации за идентитетот на загинатите и повредените.
