Возачите кои непрописно паркираат или запираат на главните булевари и крстосници наскоро ќе се најдат под засилен надзор на системот „Безбеден град“. Министерството за внатрешни работи најавува проширување на контролите, со што ќе започне и електронско санкционирање на овие сообраќајни прекршоци.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека новата функционалност треба да започне да се применува до крајот на 2026 година, а известувањата за регистрираните прекршоци ќе се доставуваат преку СМС-пораки.
Првичниот фокус ќе биде ставен на најфреквентните булевари и крстосници во Скопје, но контролите ќе ги опфатат и главните сообраќајници во другите градови низ државата.
Целта е да се спречи непрописното запирање и паркирање кое го попречува движењето на останатите учесници во сообраќајот и предизвикува дополнителни метежи.
Зошто досега не се казнуваше автоматски за непрописно паркирање?
Според Тошковски, една од главните пречки за воведување на оваа функционалност биле техничките ограничувања на системот.
Имено, во услови на големи сообраќајни метежи, камерите не можеле секогаш со сигурност да утврдат дали одредено возило е непрописно запрено или едноставно стои во колона поради застој.
