Трамп го нарече Путин пријател, Зеленски порача дека за Украина тој е непријател

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Владимир Путин е „убиец“, реагирајќи на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој неделава во Кина го нарече рускиот лидер свој „пријател“, пренесува „Би-Би-Си“.  Во интервју за „Си-ен-ен“, Зеленски рече дека американскиот претседател има право самиот да одлучи како ќе го нарекува Путин, но нагласи дека за Украинците тој е непријател.

„Негово право е како ќе го нарекува Путин, но за нас тој е непријател. За нас, тој е убиец“, изјави Зеленски.

Пред историската трилатерална средба со кинескиот претседател Си Џинпинг и Путин, одржана во четвртокот, Трамп го нарече Путин свој „пријател“ и изјави дека двајцата лидери имаат „одлични односи долги години“.

Во меѓувреме, руските напади врз Украина продолжија и во текот на ноќта. Две лица, меѓу кои и едно момче, загинаа, а 52 беа повредени во ракетни напади и напади со дронови врз родниот град на Зеленски, Криви Рих, во централната Дњепропетровска област, соопштија локалните власти.

Украинската државна служба за вонредни состојби (ДСНС) соопшти дека во нападите биле повредени уште 11 лица во североисточната Харковска област, како и едно лице во Ривненската област, во северозападниот дел на земјата.

Во петокот, најмалку девет лица загинаа во руските напади насочени кон мостови во главниот град Киев и железнички станици во западна Украина.

Зеленски го оцени нападот како „најголем оваа година“, откако Русија изврши масовен напад со 110 ракети, меѓу кои 27 балистички, и повеќе од 400 дронови.

Нападите се случија само неколку дена откако Украина сериозно го оштети Кримскиот мост.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе