Штип, 15.12.2017
Фасцинантна изведба на 19 песни имаше Градскиот хор на Штип во исполнетата до последно место сала на Домот на млади. Настанот беше како традиционален предновогодишен концерт, а во чест на „Свети Никола“ – денот на градот.
Првиот впечаток од синоќешниот концерт е дека Штип, по подолго време, конечно има вистински градски хор во кој пеат триесетина гласовно надарени штипјани и штипјанки. Вториот впечаток е дека диригентката Ивана Ѓурѓевиќ Јанков, која е професионален диригент, различните гласовни можности на хористите успеала на еден речиси перфектен начин да ги склопи во целина која дава резултат.
Публиката гладна за вакви концерти имаше можност како хорски изведби да ги слушне Чукни во дрво, Брала мома капини, Ленка Пингова, Не кани ме, Џипски меџик, Мама Миа, Ла кукарача, Под Московскије вечери и многу други. Изведбата на сите песни беше фасцинантна, во преполнетата сала се случи спој на две енергии во една, па најголем дел од песните публиката ги пееше на глас со хористите.
Градскиот хор последниве години е добитник на бројни домашни и меѓународни награди. Синоќешниот концерт покажа и нешто друго. Дека во иднина концертите треба да бидат во поголема сала, можеби во Мултикултурниот центар или во Домот на култура „Ацо Шопов“. Хорот не смее да остане на својата срамежлива позиција, односно да стравува дека многу публика нема да му дојде на концертите. Тоа, едноставно не може да биде точно. А и на хористите но и на публиката им е потребен поширок, поудобен простор кој во градот го има.