Штип ќе дебатира за влијанието на Боров Дол врз животната средина
Штип, 27.02.2018
Влијанието на новото рудно тело Боров Дол врз животната средина ќе биде предмет на јавна расправа која ќе се одржи во Штип на 12 или на 13 март, годинава (точниот датум доополнително и на време ќе биде објавен). Ова е договорено денес на состанокот помеѓу експертскиот тим на рудникот за бакар „Бучим“ и штипскиот градоначалник Благој Бочварски и неговиот тим кој се бави со оваа проблематика. Состанокот се одржа во кабинетот на градоначалникот Бочварски.
-Сакаме пред граѓаните на Штип да ја презентираме студијата како и стратешката оценка за влијанието на Боров Дол врз животната средина. Презентацијата сакаме да ја организираме заедно со Општина Штип. Ова ни е посебно важно зашто рудното тело Боров Дол со 4 проценти е на територија на општина Радовиш, а од преостанатиот простор две трeтини е во општина Конче, а една третина во општина Штип. Граѓаните на Штип имаат право да ги имат сите релевантни информациии во однос на влијанието на ова рудно тело врз нивниот животен простор, ние како инвеститор тоа им ги должиме сите одговори на прашањата кои ќе ни бидат поставени, па сé заедно очекуваме квалитетна и на стручни аргументи заснована јавна расправа, оцени Николајчо Николов, заменик генерален директор во рудникот „Бучим“ и управител на „Боров Дол“.
Студијата за влијанието на рудното тело „Боров Дол“ врз животната средина, како и стратешката оценка, се изготвени од врвни научни институции во државата.
Благој Бочварски, градоначалник на Штип појасни дека како општинско раководство ќе помогнат да се создадат сите неопходни услови за квалитетна јавна дебата по ова прашање од животен интерес за жителите на штипска општина.
Рудното тело „Боров Дол“ има геолошки рудни резерви од 40 милиони тони. Ископаниот материјал од него преку бесконечна лента ќе се транспортира до 7 километри оддалечениот рудник за бакар „Бучим“ во чија флотација ќе се врши преработката на рудата. Според Николов годишно од „Боров Дол“ ќе се копаат 4,5 милиони тони материјал, а проектот предвидува најсовремен начин на експлоатација и исто таков простор за одлагање на јаловината.
„Боров Дол“ се отвора со намера да биде продолжен работниот век на единствениот македонски рудник за бакар и злато „Бучим“ во наредните десет години.