Делчево, 13.06.2018
Екипи на АД Водостопанство- Подружница Берово, работат на чистење на каналите и поставување каналетки во атарот на село Тработивиште под мостот на патот Тработивиште- Разловци, а се интервенира и да се стави во функција и Виречкиот јаз.
Досега е исчистен селскиот јаз во должина од околу еден километар, а со машини се прават и бентови, односно се интервенира на реките Брегалница и Желевица за пуштање вода во каналите.
Увид во текот на работите извршија градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски и раководителот на Секторот при АД Водостопанство Крсте Даниловски. Трајковски истакна дека по дваесет години, прв пат се чистат каналите за наводнување покрај плодните делчевски ниви.
ТРАЈКОВСКИ Сакам да изразам задоволство што АД Водостопанство го слушна нашиот апел и излезе во пресрет на земјоделците од Делчевско, конкретно, на земјоделците кои имаат обработливи површини во атарот на село Тработивиште. Конечно, по 20 години ги чистиме земјоделските канали и нивите во селото, кое е на две реки, повеќе нема да бидат жедни
-Мора да изразам задоволство што АД Водостопанство го слушна нашиот апел и излезе во пресрет на земјоделците од Делчевско, конкретно, на земјоделците кои имаат обработливи површини во атарот на село Тработивиште. Конечно, по 20 години ги чистиме земјоделските канали и нивите во селото, кое е на две реки, повеќе нема да бидат жедни. Изминатиов период земјоделците сами се снаоѓаа, за да стигнат до водата и да ја донесат до нивните површини. Запознат сум дека многу од земјоделците се откажале од земјоделската работа, само поради овој проблем. Ние го решаваме и очекувам овој потег да придонесе во проширување на обработливите површини на полето каде некогаш се садел и ориз. Со тоа даваме свој придонес во создавање услови за развој и подобри услови за земјоделската дејност, истакна Трајковски.
Даниловски потенцираше дека екипи на АД Водостопанство прв пат работат во Делчевско.
-Нашата цел е овој крај да заживее со вода и да се развива земјоделството како гранка која ќе биде број еден во државава. Овде многу години водокорисниците немале грам вода за своите потреби. Со поддршка на Општина Делчево, Министерството за земјоделие и Министерството за животна средина ние работиме секој водокорисник да има вода, истакна Даниловски.
Слични активности екипите на АД Водостопанство ќе имаат и на земјоделските површини во Разловци, а согласно со планот и програмата на ова претпријатие ќе се интервенира и на земјоделските површини во останатите села во делчевската општина, а ќе се стави и акумулацијата Петрашевец за наводнување на земјоделските површини.