Штип, 18.06.2018
Делегација од шеесеттина штипјани утре ќе престојува во Стражница, Република Бугарија. Посетата е всушност почеток на вистинската соработка помеѓу двете општини која беше договорена во месец мај годинава, при посетата на делегација од Стражница на Штип
Во состав на делегацијата се лица од образовни институции, младинци, спортисти, ученици, претставници од локалната самоуправа, невладиниот сектор, како и многу други претставници кои Штип ќе го претстават во најдобро светло.
„Нашите претставници ќе учествуваат на повеќе настани, меѓу кои се опфатени промоција на македонските традиции, со фокус на локалните традиции во Штип, гастрономијата, образовните перспективи, спортските успеси и слично. Претставниците од образовните институции ќе имаат можност да остварат соработка на полето на пронаоѓање партнерски институции за аплицирање на проекти од европските фондови. Исто така, наши претставници ќе имаат можност да учествуваат во дебата на која ќе се зборува за европските перспективи на земјата и регионот“, порачаа од кабинетот на градоначалникот.