Македонска Каменица, 24.12.2018
Рудникот за олово и цинк САСА целосно опреми пет училници во средното училиште „Миле Јаневски – Џингар“ во Македонска Каменица. Училниците, кои ги користат ученици од рударската насока, добија комплетно нов инвентар и современа информатичка опрема, неопходни за извршување на секојдневните училишни активности. Вкупната донација е во вредност од приближно 400.000 денари.
„Веруваме дека напорите кои ги вложуваме во унапредување на условите во рударскиот образовен систем, ќе обезбедат квалитетен кадар кој е неопходен за развој на оваа индустриска гранка. Централ Азија металс е посветен на долгорочниот развој на Рудникот САСА и на целокупната рударска индустрија во Република Македонија, обезбедувајќи бенефит и за локалната заедница и за земјата во целина“, изјави Олег Телној, генерален директор на САСА.
Во насоката „Рударство“ во средното училиште во Македонска Каменица учат вкупно дваесет ученици од градот и од околните места. Оваа донација директно влијае врз подобрување на квалитетот на образовниот процес во училиштето.
„Среќни сме што САСА ги препознава потребите на локалната заедница и презема конкретни чекори за подобрување на животот на заедницата. Подобрувањето на усло-вите во образованието,а особено оние во „рударската“ насока, е од исклучителна важност за Македонска Каменица како рударски град.Се надеваме дека соработката со Рудникот САСА и компанијата Централ Азија Металс ќе продолжи и во иднина“,истакнаСоња Стаменкова, градоначалник на М.Каменица.
Покрај подобрувањата што САСА ги обезбеди во средното училиште „Миле Јаневски – Џингар“, во 2018 година Рудникот исто така обезбеди поддршка за десет студенти од насоките за рударство, геологија и животна средина на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а во ноември е пуштено во употреба спортското игралиште во основното училиште во Македонска Каменица, реконструирано со средства од САСА. Освен поддршката за унапредување на образованието, Рудникот редовно финансиски учествува во проекти за подобрување на инфраструктурата, социјалата и спортот во локалната заедница.
Рудникот за олово и цинк САСА е во сопственост на Централ Азија металс (Central Asia Metals PLC) која котира на Лондонската берза и има долгорочни планови за развој на рудникот и на општествено одговорни проекти важни за просперитетот на локалната заедница и на економијата.