Штип, 26.02.2019
Се ближат избори за претседател на Македонија, а политичките партииги сасилуваат тензиите преку меѓусебно обвинување на разни теми. Како и секогаш прво напаѓа опозициската партија, во случајот ВМРО ДПМНЕ, а потоа со контранапад во форма на одбрана се јаввува СДСМ. Така било, така, е така ќе си остане уште долго и во Штип.
Денес ВМРО ДПМНЕ го обвини свопјот политички ривал кој ја има власта во општината за некои состојби во училиштата. Еве што стои во нивната реакција:
-Скандалозни дејанија се случуваат во основните училишта во Општина Штип. Наставниците ангажирани на определено работно време, работат спротивно на закон. Според постоечкиот Закон за основно образование, наставниците може да засноват работен однос со или без јавен оглас на определено време, но не повеќе од 3 месеци! Тоа значи дека склучените договори со наставниците на определено работно време од месец септември, се изминати на 30 ноември 2018 година и повеќе не се валидни. После овој датум надлежните институции имаа должност да одобрат финансирања до крајот на учебната година, а потоа училиштата да распишат јавни огласи за вработување на наставен кадар.
Меѓутоа, до овој момент ова сеуште не се случило. Овие вработени наставници го немаат засновано својот работен однос врз основа на јавен оглас и работат со истечени и невалидни договори, при што се врши злоупотреба на службената положба од страна на сите инволвирани. Поради распишаните избори, училиштата се‘ уште немаат објавено огласи за вработување, што значи дека ангажираните наставници ќе станат „легални“ дури пред истекот на наставната година!
Нерегуларностите во училиштата претставуваат грубо кршење на членот 82 став 1 и став 2 од Законот за Основно образование. Ги повикуваме надлежните институции да ја ја утврдат фактичката состојба и да ги отстранат овие нерегуларности со вработувањата во училиштата во Општина Штип!
Почитувани сограѓани,
Очигледно е дека новите вработените во надлежните министерства не се способни да си ги извршуваат тековните обврски, создаваат хаос и тоа мора да престане, стои во обраќањето на ВМРО ДПМНЕ – Штип!
Разбирливо, како и во секој друг ваков случај на одговор не требаше да се чека многу. Од кабинетот на градоначалникот Благој Бочварски ургентно го возвратија ударот:
-Ја информираме јавноста дека, по истекот на 3 месеци (согласно член 82 став 2) на вработените на определено работно време во образованието, им се продолжи договорот за вработување со анекс договор до распишување на јавен оглас.
Бидејќи согласностите од Министерство за образование и наука се добиени со распишување на претстојните редовни претседателски избори, секое училиште достави барање до Антикорупциска комисија, да даде мислење за распишување на јавен оглас.
Секое училиште ќе постапува според добиеното мислење од Антикорупциска комисија. Бидејќи настапот и прес конференцијата на ОК ВМРО-ДПМНЕ Штип се секогаш неосновани и неаргументирани, ДА, се согласуваме надлежните институции да ја утврдат фактичката состојба.
За ваша информација локалната власт предводена од СДСМ работи согласно Законот и прописите. Наместо ОК ВМРО-ДПМНЕ Штип да се занимава и да го троши времето со ширење на дезинформации и неосновани обвиненија, за промена би било добро да се заблагодари и да ги пофали инвестициите во образованието, подобрените услови за учење и одржување на настава.
За една година Општина Штип и Министерство за Образование и наука со заштеди и домакинско работење, само во основното образование во Штип инвестираа 15 милиони денари што за ВМРО-ДПМНЕ за 8 години локална власт беше мисловна именка, објави локалната власт.