КОЧАНИ: Новинарот Герасимов подари дел од своите авторски изданија на училишните библиотеки

Кочани, 27.03.2019

Публицистот и новинар во пензија, Киро Герасимов, автор на 56 дела и преведувач на девет книги од словенечки и од српски на македонски јазик, денеска во присуство на градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, на директорите на основните и на средните училишта им подари по неколку примероци од повеќе свои наслови.

–Во изминативе 40 години како новинар, имав можност да истражувам и да пишувам, да ги бележам настаните и случувањата на Кочани. Сиот материјал објавен на Македонското радио и на МТВ и материјалот што го создавав како хонорарен новинар во останатите весници и списанија е уредно сочуван во книги, во томови, над 140 книги предадени на чување во Роднокрајното одделение на кочанската Библиотека „Искра“. Ме радува тоа што во изминативе 5-6 години врз основа на моите оставени белешки за Кочани и Кочанско, неколкумина интелектуалци ги подготвија своите магистерски трудови. Пред неколку месеци ме посети и ќерката на Глигор Чемерски, накоја ѝ го отстапив целокупниот  видеоматеријал, почнувајќи од градењето на Споменикот на слободата, поставувањето на мозаиците. Девојката беше воодушевена и рече дека ова го нема во ниедна друга архива – рече Герасимов истакнувајќи го значењето на зачуваните и испечатените написи за Кочани.

Книгите, од кои најголем дел финансиски се поддржани од Општина Кочани, ги подари на училишните библиотеки, како што рече, да се служат со нив и учениците и наставниците и да учат за настаните со културно и историско значење.

Герасимов иницираше во Кочани да се направи спомен-катчеза Љупчо Сантов, посочувајќи дека располага со вредни материјали од неговиот живот. Авторот најави дека работи на нова книга која наскоро ќе излезе од печат.

(љ.а.)

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе