Штип, 10.04.2019
- Интервју со проф.д-р Страшко Стојановски, претседател на Стратегискиот совет на ИНТЕГРА
На нашата политичка сцена се јави нов политички субјект со неодамнешното формирање на ИНТЕГРА, чиј претседате е проф.д-р Љупчо Ристовски, познат на јавноста од политиките дебати на нашите телевизии. Проф.д-р Страшко Стојановски, кој предава социологија на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е дел од највисокото раководство на Партијата. Тој е претседател на Стратегискиот совет. Со професор Стојановски разговараме на повеќе теми во однос на новиот политички субјект.
1.Зошто нов политички субјект на македонската политичката сцена? Зарем не се премногу и овие партии кои ги имаме?
Доколку сакаме да зборуваме за демократизација на македонското општество, неминовно е истото да го поврземе со можноста за постоење на политички плурализам во вистинска смисла на зборот, а тоа може да се реализира само преку надминување на постојната ситуација и монополизација на политичкиот простор од поголемите политички субјекти. Политичка слика денес, колку и да е апсурдно, на чуден начин ја прави политиката стерилна и бирократизирана, оддалечена од граѓанинот како носител на политичкиот суверенитет, што води кон инертни политики, недостаток на јасна идеологија, нови идеи и одржливи решенија за проблемите со кои секојдневно се соочуваме.
2.Се титулирате себе си како Македонска конзервативна партија, што тоа практично (ќе) значи за политичката сцена во РСМ?
Новитетот кој што го нуди ИНТЕГРА-Македонска конзервативна партија е нова заокружена идеологија, која се темели на либертаријански и конзервативни постулати. Либертаријанската основа на нашата платформа се темели на концептот на минимална држава, која би била силна во заложбите за гарантирање на сигурноста и безбедноста на граѓаните, како и правна сигурност остварена преку независност на судството и владеење на правото. Во останатите сегменти државата треба да го ослободи слободниот пазар, переку деполитизација и приватизација на несуштинските делови, до израз да дојде претприемачкиот дух на индивидуите. Од друга страна, конзервативните елементи, доаѓаат до израз, во прв ред преку цврстите заложби за зачувување на традиционалното семејство, зачувување на националните интереси на Македонската нација како основен конститутивен елемент на државотворноста и посебен фокус ставаме на младинските политики, бидејќи младите се најголемиот потенцијал за развој на Република Македонија во иднина.
3.Силно семејство, Македонија национална држава на македонскиот народ….овие два постулати ви се носечки во програмата, прашањето ми е зошто ги сметате за пресудно важни да станат доминантни во Вашата програма?
Семејството е основната општествена клетка, која е природна надоградба на индивидуите, а традиционалните семејни вредности основниот морален постулат. Илустративно, би сакал да споменам, семејството е основната причина која, и покрај силните тенденции за миграција, ги поврзува младите со овој простор. Од друга страна, македонскиот национален идентитет е природна надоградба на семејството. Македонскиот народ, заедно со граѓаните од останатите етнички заедници со кои се споделува заедничка судбина, е носител на државотворноста. Токму затоа, зачувувањето на националното достоинство, втемелено на меѓународните стандарди и суверената волја на Македонскиот народ се врвен приоритет на ИНТЕГРА-Македонска конзервативна партија.
4.Каков ќе биде односот на Вашата партија кон Преспанскиот договор, спогодбата со Грција и новото име Република Северна Македонија?
Природно е да се очекува разговорите за разликите околу името Македонија за меѓународна употреба да резултираат со договор. Но, факт е дека оваа Спогодба, со елементи на октруираност, ја нема поддршката од мнозинството, особено во делот на Македонскиот народ. Спогодбата е наметната и штетена, а неуспешниот референдум ги обврзува политичките елити да ја следат волјата на граѓаните како основни носители на суверенитетот. Веќе можеме да видиме примери кај што се користи придавска одредница „северномакедонски“, а имав прилика да видам трудови кај што се користи име „Поранешна Југословенска Република Северна Македонија“, што е апсурд. Правото на самоопределување на идентитетот е врвна вредност на која се темели меѓународното право. Доколку треба да сумирам, ние како политички субјект поддржуваме и охрабруваме унапредување на добрососедските односи на партнерска основа со меѓусебно почитување, но ваква Спогодба која де факто значи мешање во внатрешните работи на Македонија со елементи на загрозен суверенитет и деноминација на македонскиот национален идентитет не смееме и не можеме да поддржиме.
5.Велите дека ќе воведете нова доктрина на надворешната политика. Што ново и досега непознато во оваа област ќе донесе Интегра?
Мала држава како што е Република Македонија може да опстои и да обезбеди просперитет за своите граѓани само преку цврсти сојузи со силни држави. Континуитетот на нашата надворешна политика е јасен и ориентиран кон западните демократии. Она што до сега недостасуваше е јасно профилирање на стратешки партнерства. Ние се залагаме за цврсти односи и стратешки партнерства со САД, Израел и Велика Британија, со јасна динамика и проактивност која треба да ја следи нашата дипломатија. Би сакал да споменам дека Договорот за стратешко партнерство со САД не е доволно експлоатиран, а и покрај силните заложби и помош која ја добиваме од оваа држава, истата е узурпирана од политичките елити и експлоатирана единствено за лични и теснопартиски интереси, сведувајќи го на ефтин популизам. На пример, САД имаат цврсти заложби за изградба на ефикасен правосуден систем и владеење на правото, но во пракса, ваквите проекти површно се имплементираат. Оттука, во овој сегмент ИНТЕГРА-Македонска конзервативна партија се залага за суштински реформи, кои ќе значат напуштање на класичниот континентален модел и прифаќање на елементи на англо-саксонското право, особено во кривичното и деловното право. Или, ова би бил модел многу сличен на Холандскиот.
6.Имате програмско несогласување во однос на Спогодбата со Грција…Тврдите дека таа има силен потенцијал за пролонгирана конфликтност. Велите дека ќе ја промените Спогодбата, а во исто време програмски ја врзувате државата за САД преку стратегиско партнерство. Малку ми звучи нелогично ако се знае дека САД цврсто застана зад оваа спогодба, па некако му доаѓа дека Вашата програма, во однос на овие две определби, е во конфликт самата со себе?
Многу погрешно и површно е мислењето кое се креира особено од владеачките политички елити дека основниот „виновник“ за т.н. Преспански договор се САД. Во пракса, факт е дека САД силно се ангажираа за затворање на прашањето со цел да се заокружат одредени геополитички проекции во регионот, но и стабилност на државата која дополнително е гарантирана со влегувањето во НАТО. Но, неспособноста на преговарачките тимови од Македонија да ги заштитат основните национални интереси и поистоветувањето со политиките на САД е ново ниво на аматеризам и подривање на можноста за унапредување на односите мегу двете држави и нивните народи. Секоја држава, која не е запознаена со спецификите на проблематиката ќе поддржи состојба кога преку договор се надминуваат одередени билатерални или мултилатерални проблеми. Колку и да се повторува „мантрата“ дека идентитетот е сочуван, факт е дека со договорот Македонскиот народ и национален идентитет се сведуваат на граѓанска флоскула и mass floatant од 19 век, која во услови на силни внатрешни и надворешни етнички национализми, ќе доведе до нови поделби на македонското национално ткиво. Деноминацијата не значи „Европа“, ниту перспективи за брз економски развој, за што е потребно вистинско владеење на правото, искоренување на корупцијата и високото ниво на политизација во сите сектори, туку со сигурност ќе значи можност за влегување на странски национални пропаганди и поделби за кои не сме ни сонувале. Ова би било многу слично на ситуацијата која на овие простори е присутна кон крајот на 19 и почетокот на 20 век и истата креира можности за нови основи за дестабилизација и конфликтност внатре во македонското национално ткиво. Доколку ова е случај, секаква европска иднина на Македонија е невозможна. На крајот, убеден сум дека САД и пријателските држави, ќе поддржат секакво ново решение и зачувување на националните интереси, доколку нашите политичари се способни да дојдат до истото.
7.Имате свој став и за односите со Бугарија…И тука говорите за постоење на проблем…Кој е проблемот и како планирате да го решите?
Унапредувањето на односите со Република Бугарија е од круцијална важност за нашата надворешна политика. Ние сметаме дека Договорот со Бугарија нуди можност за развивање на соработката. Проблемот е во асиметричниот карактер на истиот. Историското минато може и треба да биде предмет на анализи и дискусии, но истото треба да се реализира во рамките на различни научни форуми. Иднината на односите може да се гарантира само преку меѓусебно почитување на интересите на Македонскиот и Бугарскиот народ и фактот дека Македонскиот јазик е јасно дефиниран, препознатлив и признаен во светски размери. Се разбира положбата на Македонското малцинство во Бугарија, како и во Грција мора да биде гарантирана согласно меѓународните стандарди и пракси.
- Како Интегра мисли да го решава прашањето со исселувањето на младите кое не е само македонски туку и проблем на држави кои се во ЕУ (Хрватска, Бугарија…)
Ова е навистина најзначајното прашање за иднината на Македонија. Од ова прашање подеднакво се засегнати сите етнички заедници и истото, како што можеме да видиме е регионален проблем. Развојот на економијата и подигањето на животниот стандард се клучни, но не помалку горлив проблем се и корупцијата, високото ниво на политизација отсуството на правна сигурност. Една од мерките кои ги нудиме е суштинска децентрализација на ресурсите во државата, кај што мора да се размислува на поголем процент од даноците да се слева во општините и регионите. Од скандалозните три проценти поврат на ДДВ, мора да се поместиме на 25 до 30 проценти што е европски стандард. Исто така, европската пракса (пример Германија и Италија) покажуваат дека дел од министерствата, како органи на централната власт, треба да се дисперзираат надвор од главниот град.
9.Има ли кај Интегра простор за политичко партнерство со некоја од големи партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ и под кои услови би соработувале?
Ние сме отворени за соработка согласно нашите идеолошки стојалишта и програмска платформа. Но, во оваа фаза, кај што елитите на големите партии се бирократизирани и во најмала рака морално корумпирани, ваквите можности ги оставаме за во некоја подалечна иднина.
10.Вие сте претседател на Стратегискиот совет, што е вашата работа од таа позиција?
Стратегискиот совет е новитет во рамките на организирањето на внатрешните партиски структури. Основната идеја е ова тело да прерасне во форум за креирање и развивање на иновативни програми и идеи. Поединците во овој совет не се поврзуваат со партиско членување, а истиот треба да ги обедини интелектуалните потенцијали во Република Македонија со оние на дијаспората, која е нераскинлив и суштински елемент на македонското национално ткиво. Исто така, ние, како политички субјект ќе изградииме механизми на соработка со македонските малцинства во регионот на Југоисточна Европа, без разлика на нивниот автохтон или неавтохтон статус.
- На претседателски избори кој кандидат ви е по мерка и дали некој од нив јавно ќе поддржите?
Во меѓувреме, ИНТЕГРА-Македонска конзервативана партија излезе со соопштение и јасен став поврзан со претседателските избори. Ние сметаме дека флоскулата „независни“ за кандидатите е засенета со јасно изразена политичка мимикрија и истите не ги застапуваат интересите на граѓаните. Дополнително, овој процес е корумпиран со отсуството на легитимитет од граѓаните за последните уставни измени. Оттука, ние ваквиот процес го игнорираме и ги повикуваме граѓаните уште еднаш да бидат гласни во својот молк, како последен инструмент на демократијата.