ШТИП: Универзитетот „Гоце Делчев“ со интерактивни предавања

Штип, 18.03.2020

На Универзитетот „Гоце Делчев“ од вчера започна процес на интерактивни предавања преку интернет за своите студенти. Први започнаа факултетот за информатика, но во периодот кој следува ќе се вклучуваат сите факултети каде што тоа е изводливо. УГД долго време користи електронски платформи за комуникација и работа со студентите, па така ова не претставувало особен проблем.

Прилагодувањето не беше проблем затоа што Универзитетот и досега користи многу е-платформи во наставата, како е-индекс, е-библиотека, е-учење и други.

Наставата се одвива преку две платформи, и тоа е-учење и Microsoft Teams. Сите потребни материјали се поставени на платформата е-учење, а за директна комуникација со студентите се користи Microsoft Teams.

„Со ова на студентите им овозможуваме да се продолжи со образовниот процес и во една ваква вонредна ситуација. Студентите добро го прифатија новиот начин на работа и се надеваме дека ситуацијата многу бргу ќе се врати во нормала и ќе можеме да продолжиме со наставата во предавалните“, изјави проректорот за настава Проф. д-р Мишко Џидров.

УГД ја користи платформата на Мајкрософт и нема потреба од никакви дополнителни ресурси. Се што треба е студентите да имаат интернет врска и било каков уред поврзан на интернет (телефон, таблет, лап топ или десктоп компјутер). Студентите за предавањето добиваат покани на нивната студентска пошта и линк на кој може да се поврзат. Настанот автоматски им се додава во календарот. Неколку минути пред почетокот им стигнува известување и ги потсетува за предавањето и потоа се вклучуваат сите. Процесот е многу едноставен, па се очекува до идната недела најголем дел од професорите да се вклучат во овој процес, велат од Факултетот за информатика на УГД.

Алатката на Мајкрософт е бесплатна, а од Факултетот за информатика потенцираат дека таа можат да ја користат и други образовни институции и да го прилагодат наставниот процес многу бргу. Вчера првото предавање со 40 студенти поминало во најдобар ред, презентациите и комуникацијата течела без проблем што значи студентите во оваа новонастаната ситуација нема да загубат голем дел од своите предавања.

Пример од предавањето може да се види на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=6BN_vbbA1Jg.

                                                                               Игор Стојанов

 

 

 

 

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе