Кочани, 04.05.2020
Новото осветлување на Трговскиот центар оформи уште една фаза планирана со реконструкцијата на оваа локација во Кочани.
– Вградивме ЛЕД-светилки со ленти на сите скали, поставени се светилки на подот и на парапетните ѕидови, рефлектори во зеленилото и осум канделабри. Светлината што доаѓа од различни нивоа и страни ѝ дава поинаква естетска димензија на една од најпрометните пешачки површини во Кочани – соопшти градоначалникот на Кочани Николчо Илијев.
До крајот на реконструкцијата останува да се постави дел од придружната комунална опрема и да се поправат и доуредат детали, со што ќе бидат комплетирани сите активности.
– Сметам дека со реализацијата на овој проект Кочани доби пристојно, урбано место што нуди повеќе можности. Останува пораката сите да се грижиме подеднакво за него, да го чуваме и одржуваме – повика градоначалникот Илијев.
Со проектот за реконструкција на Трговскиот центар, беше опфатена површина од 2.800 метри квадратни, на која бетонските се заменија со гранитни, нелизгави плочки, се постави атмосферска канализација, урбана опрема, а постојните дрвја се надополнија со нови 80 садници од видот туја. На јужната страна на Трговскиот центар се планира изградба на детско игралиште, за кое постапката за избор на изведувач е во тек.
Љ.Ајтовска