Иреални сказни од реалниот живот: За заканите и “дообјаснувањето” на Атанас Кировски – Медиумот е приватен, само по КАПИТАЛОТ, се друго е опопштествен ресурс и национална своина
Охрид, 09,06,2020
Медиумот, особено телевизијата, е многу опасна играчка, ако падне да биде раководен од погрешни раце. Медиумот не трпи нарцисоидност, не трпи суета, не трпи осветољубивост, одмаздливост…Медиумот од раководител бара да биде комплетна личност. Е,сега, тешко би се достигнал идеалот на мојот славен сограѓанин – Прличе: “Совршенство, или смрт!”, ама, треба,сепак, да тежнееме кон тоа.
Како матурант во елитната, класична охридаска гимназија (1968) го одбрав Владимир Назор, за завршната работа.Не дека бил со Тито, не дека одел “преко воде до слободе”, туку поради инспиративноста на неговиот стих: “Идеал је воќе, које зри на грани, али га никадa човјечка рука неќе достиќи”.
Денешните медиуми, особено некои од денешните портали, се срам и понижување за една нација, да не говорам за нашата професија. Тоа, јас го дефинирам како – ПИЖАМИ НОВИНАРСТВО! Ги водат необразовани, понекогаш тотално нечовечни “човечки суштества”, мајмуновидни сурати, како еден, на пример, во мојот Охрид, кој се повикува на “гласот на народот”!
За него е нормално, на својот, божем коментар, божем колумна, после името и презимето, да додаде дека е напишано – ЛИЧНО од него!? Божем тој има редакција и божем покрај него има уште некој во пижами – редакцијата!? Тој може да ти ја украде целата колумна, да ја објави како своја, а целата негова “креативност!” е во тоа што ти го избришал името и презимето!?
Тој може по стоти пат да напише дека си бил кодош!? Што можеш ти? Ништо, нажалост! Можеш да имаш и “пермесо” дека не си тоа, добиено од Томе Аџијата (затоа што, дури, и да не си сакал, законски си бил приморан да го побараш тоа!), но тоа ништо не ти помага. Кај кој суд ќе се жалиш и колку години ќе се влечкаш по судници. Бадијала! Најдобро премолчи.
Запрепастувачки е, како по социјалните мрежи, на ваквите, им ги фалат “креативните текстови!”, им лајкуваат! За секој вагон има патници, нели!? Можете да кажете: каков народ, таков медиум! Но, не е така. Воспитна е задачата на новинарот, или барем на нас постарите, кои сме минале низ сито и решето,знаеме што е медиум. Ова што денеска се случува по медиумите, во “наше време”, беше незамисливо.
Во мојата, над половина век, професионална новинарска кариера, засекогаш, останува врежан еден новинарски “бисер”. Но, еве, ќе кажам два, бидејќи, повод за моево денешно навртаќање кон новинарството и “новинарството!”, е една избрзана и за среќа исправена реакција, на колегата од “нашето време” – Атанас Кировски.
Извештај (во живо) од Охрид, испратен од ресторанот Езерце, до Сител!?
Известувавме кога се подготвуваше Охридскиот рамковен договор. Јас за Телма и ВОА, тој ми се чини, паралено (главно од Скопје) за ВОА. Времето го знаете, ќе ви текне и на конкретната личност. Дама, колешка од Сител, повремено доагаше, ама, главно, настанот го “покриваше!” од Скопје! Ќе се јавеше, онака љубезно, а ние дописниците сме пресретливи, ќе и кажев што и како било и оп – “во живо!” извештај од Охрид! Еднаш и велам, од каде се јави? Вели: од “Езерце!”. Ресторанот кој е најблиску до Сител!!!
Ете, вториот “бисер”, е уште покарактеристичен. Новинари и новинарки, кои денеска имаат портали (за општинските активности пишуваат само ако претходно потпишале договор!?), во една прилика, известуваа за спектакуларната изложба на охридски икони, во престижниот “Метрополитен” во Њујорк. Слушнале – недослушнале, и едно цело попладне, на две национални телевизии, се повторуваше дека изложбата била отворена од МИТРОПОЛИЈАТА (!) во Њујорк!!!
Вакво нешто е недозволиво.Тоа влегува во светската антологија на глупости.За мене ова е исто, како онаа дефиниција, за тоа, што е вест: дека човекот каснал куче, а не кучето човек!Уште и мислата му ја препишуваат на Черчил, иако е изречена дури еден век пред него, од еден колега со лордовска титула, издавач на весници.
“Новодојденци” во професијата
Како и да е, таквите бисери, ете, нека ги кажа некои НОВОДОЈДЕНЦИ во професијата, но никако оние од “НАШЕТО ВРЕМЕ”. Добро е што колегата Атанас Кировски, го избришал постот на Фејсбук. Нарцисоидноста е многу лош сојузник! Суетата, исто така. Човечкиот организам е составен од 99 проценти вода и само еден процент – суета! Ама, само тој, еден процент, понекогаш, знае да завладе со целото тело!
Не му е прв пат на Кировски, малку “да се залета”. Самиот, со него, еве, по втор пат водам ваква полемика, на тема: одговорноста на јавните личности. Нема право на трета грешка. А, што се однесува до нарцисоидноста и суетноста, на тој Караџата од Националната комисија за спречување заразни болести, тој што го извадил од такт, Атанас, може вода да му носи! Тој, за мене, е пандан на неговиот колега од Белград, оној што ги тераше убавите Српкињи на шопинг во Милано!? Ама, тоа си е негов, а не проблем на мојот Атанас. Секој нека си ја носи својата срамота, за да не не убие, сите, туѓата!!!
Атанас “од моето време”, не смее да се симне на такво примитивно ниво. На колегата од времето на заедничката соработка за “Гласот на Америка”, тоа не му е дозволено. Да сум јас сопственик на медиумот, да сум на местото на Андреја, без разлика дали ми е рода, или слично, повеќе нема да намириса таму, на просоторт на Стара телевизија!
Медиумот е приватен, само по КАПИТАЛОТ, се друго е опопштествен ресурс и национална своина
Јас имам медиум уште далеку пред Телма. Ниту на сон не би изустил такви скандалозни оценки, закани…Кој ми го дал тоа право? Тоа е незнаење на ниту првата (М) буква од медиум. Медиумот е приватен, само по КАПИТАЛОТ, се друго е општествено добро, општествен ресурс, национална своина…
Дури сега треба да се срамам од самиот себе си што бев најгласен, најпродуктивен кога одлучувавме Телма да добие национална концесија. Кој не верува, сите се здрави и живи, нека ги праша: Бранко Црвенкоски, неговата конкубина Наташка Савова, Сашо Чолакоски и Гордана Стошиќ. Разбира се, во владините одаи, по предлогот што ни го достави тогашниот претседател на Советот за радиодифузија Ѓорѓи Варошлија.
Што од отпор кон незаузданиот и неопитен Велија Рамковски (А1), со концентрирана моќ во рацете, на, од медиски аспект – погрешен човек, што од блискоста кон Телма и Ристо Лазаров, последниот директор на ТАНЈУГ “од нашето време”. Ако ме служи добро акалот – Стошиќка беше, разбирливо, против, Чолакоски – колку да помине редот, додека Наташка – како ќе каже Шефот, а тој – како ќе каже Шефицата! Во таа прилика, што е за право, Шефот го поддржа моето мислење. И така, Велија доби конкуренција, во ликот на Андреја Јосифоски и, (за СДСМ!) – во ликот на “драгиот Стојменов!”, односно Канал 5.
Јас кажав за што му забележувам на колегата Кировски. Што тој кажа, за да се “исприча!”, читајте сами:
Atanas Kirovski
13 ч. · Споделено со Јавно
Go izbrishav posledniot post. G-din karadzovski e vrven epidemiolog, nikoj ne saka da mu ja spori struchnosta. Od toj aspekt, i toj ne treba da ni kazuva nas kako da rabotime. Site sme so istencheni zivci periodov, i negoviot atak vrz Telma, ke go razberam kako nenameren, od pozicija na chovek koj chuvstvuvashe deka e napadnata negovata struchnost, i kako lekar, koj nema chuvstvo za PR i odnosi so mediumi. I nie kako glavni urednici sme prechuvstvitelni, prvo zaradi toa shto sme posveteni 24/7 na ona shto go rabotime, i vtoro zatoa shto smetame deka ni e dolznost da gi branime novinarite koga kje ni gi napadnat.
Неговиот текст, го предавам во оригинал, иако не сум голем поддржувач на оние кои, дури и по социјалните мрежи, намнесто кирилична, користат латинична азбука!
Мене, Блаже Конески не ме учеше така.
Веле Митаноски