Делчево, 13.06.2020
-Ние одлучивме да градиме мостови, за да поврзуваме, да го олеснуваме пристапот, да рушиме препреки и затоа денеска сум посебно горд, бидејќи со поддршка на пријателите на Делчево, успеавме да оствариме децениска желба на делчевци, истакна во своето обраќање градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, на свеченоста организирана по повод пуштањето во употреба на првиот пешачки мост на река Брегалница во Делчево. На свеченоста присуствуваа министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, директорката на Центарот за развој на Источно планскиот регион, Драгица Здравева, како и претставници на институции и граѓани на Делчево.
Градоначалникот Трајковски истакна дека нема ништо невозможно кога се има цврсто зацртана цел, да се изгради и да се стави во функција и да им се подари на граѓаните објект кој ќе векува и ќе им служи и на генерациите граѓани кои ќе живеат покрај реката Брегалница.
-Денес, мостот е реалност благодарение на поддршката од Министерството за локална самоуправа на Р.С. Македонија и Бирото за регионален развој, преку Центарот за развој на ИПР, а по Програмата за рамномерен регионален развој за 2018 година и со домаќинско кроење на општинскиот буџет, рече Трајковски.
Вредноста на мостот е 8,2 милиони денари. Околу 60 отсто од вредноста е обезбедена со средства од проектот за развој на Источно-планскиот развоен регион, преку Бирото за регионален развој, а останатите 40 проценти се обезбедени со кофинансирање од Општина Делчево.
Министерот Горан Милевски рече дека реализацијата на овој проект е пример кој треба да го следат и останатите општини за да ги урбанизираат своите места и со тоа жителите да имаат поквалитетен живот.
– Министерство за локална самоуправа и понатаму ќе се грижи за општините, а преку нив и за граѓаните преку своите програми. Изградбата на пешачкиот мост со години беше ставан како приоритет на граѓаните на форумските сесии, така што сега е реалност. Овој мост во Делчево го поврзува стариот со новиот дел на градот, но претставува и украс на градот и е дел од туристичкиот пакет на Делчево. Со оглед на ситуацијата и пандемијата во нашата држава, оваа година ги поканувам сите граѓани да го посетат ова источно гратче и да уживаат во убавините, рече Милевски.
Директорката на Центарот за развој на ИПР Драгица Здравева се заблагодари на успешно завршената работа за овој значаен линиски објект за Делчево.
-Изразувам задоволство што и изведувачот на работите компанијата „Жикол“, со вклучување на стручните луѓе од Центар и од Општина Делчево, се почитуваа сите градежни просписи и очекувам во иднина со дополнителни проекти да помогнеме во развојот на Општина Делчево, рече Здравева.
Со ставањето во функција на мостот, ќе се зголеми безбедноста на пешаците и ќе им бидат значително поблиску повеќе институции, како детската градинка, ООУ „Ванчо Прке“, Општина Делчево, градскиот пазар и сите фабрики кои се наоѓаат во индустрискиот дел во градот. Изградбата на мостот има и дополнителна вредност, бидејќи Општина Делчево има дополнителни инвестиции за изградба на пристапни рампи и пристапна улица со која се поврзуваат локалните институции, а неговата изградба е во рамките на проектот „Збогатување на туристичката понуда“.
Настанот се организираше со почитување на мерките за заштита и превенција од заразата ковид 19.