Захариев ја заеба Лесковица за сите пари

Штип, 27.07.2017

  • Селото има вода само еден час во денот, нема продавница, леб се носи само во понеделник и четврток, во цело село светат само 4-5 сијалици, се што може бега од Лесковица..Селаните му дале задача на својот одборник да отиде кај Захариев и да го извести за нивните маки, ама овој не сакал да го прими!

Во 2014 година Илчо Захариев, градоначалник на Штип, помпезно го пушти „плоштадот“ во селото Лесковица најавувајки го како инвестиција која ќе ги вратела младите на село. Во придружба на својата свита од општината, и пред камерите на сите три регионални телевизии, самобендисаниот градоначалник ги повтори речениците кои во изминатите четири години насекаде ги кажуваше: дека тој е градоначалник посветен на доброто на луѓето, а кога е во прашање селото, тој со својата магија ќе направел луѓето кои некогаш побегнале од него пак да му се вратат!

Селото љубоморно го чува споменот на своите деца загинати во НОБ - сликата голема плоча
Црквата во Лесковица

Ние деновиве бевме во еден вид инспекција во Лесковица, село кое има одлична местоположба, кое е во близина на три града – Радовиш, Штип и Неготино, село во кое се повеќе наместо оптимизмот и селската идила царува пустошот и песимизмот.

Селото љубоморно го чува споменот на своите деца загинати во НОБ - сликата голема плоча
Селото љубоморно го чува споменот на своите деца загинати во НОБ

„Овде нема ниту еден мотив да се остане и да се живее. Вода снемавме откако се асфалтираа селските улици, механизацијата ја пригмечи главната водоводна цевка, барем ние така мислиме, и сега вода имаме само еден час во текот на денот. Ај што немаме вода немаме ниту леб. Откако пред две години се затвори единствената продавничка леб во селото ни носат само во понеделник и во четврток. Млад човек тука не само што нема, туку и постарите кој како може си го фаќа патот кај своите деца во Штип или  каде и да се отселиле тие“, ни зборуваше Димитар Данилов, 77 годишен, кој цел живот го поминал во селото.

Кога во 2014 година Захариев со свитата им дошле да им прават плоштад, селаните му рекле дека плоштадот треба да биде на месноста Падарница но Илчо не попуштил туку одлучил да го прави на некое друго место.-„Падарница е местото на  кое со децении се собираме, си муабетиме, се договараме, тоа е нашиот плоштад. Но локалната штипска власт одлучи тоа да биде погоре, го направи, стави две клупи, а таму ниту некој седнал ниту селаните било кога ќе се соберат на тој плоштад. Џабе се фрлија парите“, вели Данилов.

А плоштадот е дваесеттина квадрати поплочени со камен, чешма и на неа задолжително плоча со „Прим-мр. Илчо Захариев“. Плочата избледнета, буквите распаднати, време е Нарцисот да превземе нешто во заштита на својот лик и (не)дело….

До селото и од него нема ниту превоз, иако порано, пред појавата на Нарцисот, таа работа им ја вршела приватна штипска фирма. –„Вистинска мака е да се појде до Штип. Ако се разболиш ќе мора такси да нарачаш. Во селото нема зошто да се живее. Тоа го увидоа и моите три деца, два сина и ќерка ми, и навреме си го фатија патот. А што би правеле тука? Кога ќе падне ноќта по цело село светат само 4-5 сијалици, мракот царува тука, перспектива никаква“, вели Јанева.

Понеделник е. Лебот пристигнува со возило околу пладне. Селаните се помасовно се собираат на Падарница. Повеќето се жени од мажи. Прашувам: кој подолго живее во селото? Мажите или жените. Сите велат – пола-пола. Бојка Станчева пак иронично додава: нема ни жени ни мажи…Само стари луѓе, па кога и нас ќе не снема селото ќе остане пусто. Таа додава: „Кога бевме млади стотици од нас ќе отидевме на жетва, со српови жнеевме, а песна се ореше низ целото лакавичко подрачје. Имавме се што ни треба, се ни беше убаво. Овде земјата е добра, родна, но нема млади за работа. А и зошто би останале тука без вода, без леб, со темни улици…коментираше Станчева.

На времето Лесковица имала над 120 куќи со над 350 жители. Од куќите се слушаше џагор, смеа, живот, младост. Денес 28 куќи со по еден, најмногу двајца жители. Селаните велат дека и локалната и државната власт од нив кренале раце…

Рада и Бојка на својата Падарница го чекаат возилото со леб
Рада и Бојка на својата Падарница го чекаат возилото со леб

Селото оживува само за време на верските празници Голема Богородица и Ѓурѓовден. Тоа се негови празници. Најголем дел од иселените доаѓаат да си ја видат Лесковица, да запалат свеќа во убавата црква „Свети Ѓорѓија“. Луѓето кои толку топло ме примија во нивното село, кои си ги отворија душите пред новинарот, велат дека тогаш сите играт и пеат, тогаш е еден сосема поинаков ден, тогаш тие ја жиеват онаа нивна, вистинска, убава, полна со живот Лесковица.

Селаните не даваат да исчезне споменот на нивните сограѓани кои ги дадоа своите млади животи во Втората светска војна Со Димитар влегуваме во дворот на црквата. А таму голема мермерна плоча и на неа запишани имињата на партизаните од селото кои загинале за нашата слобода како борци против фашизмот во Втората светска војна. Во книгата на вечноста на Лесковица се запишани: Владо Арсов, Ване Миладинов, Блажо Илиев, Тоде Шапков, Јордан Петрушев и Димитар Јанев. –„Спомен плочата ја подигна организацијата на борците од селото. Нашите луѓе загинаа во борбата со бугарскиот и германскиот фашистички окупатор. Ние достоинствено го чуваме споменот на нив“, потенцира Димитар Данилов.

„Зарем тие ги дадоа своите животи за ова кое денес го имаме? За живот без вода, без леб, со темни улици, без децата кои не напуштија…Тоа ли е Штип тоа ли е нашата Македонија во 21 век“. Со ова прашање ме испратија селаните во надеж дека нивната приказна, кога таа ќе добие јавност, на некој посебен начин ќе може да им биде од помош…

 

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе