Сѐ поголем број млади кинески студенти се наоѓаат во средиштето на затегнатите односи меѓу САД и Кина, каде визите се одбиваат, а образованието во Америка станува ризично, пишува Би-Би-Си.
Во четвртокот, 22-годишната Шјао Чен се појавила на интервју во американскиот конзулат во Шангај, планирајќи да замине на студии по комуникации во Мичиген. По, како што рече, „пријатниот“ разговор, ѝ било соопштено дека ѝ е одбиена визата без објаснување.
Таа веќе имаше прифатно писмо и се надеваше дека ќе ја избегне неизвесноста по неодамнешните настани меѓу кои и обидот на администрацијата на Доналд Трамп да им ја ограничи можноста на странските студенти да се запишуваат на Харвард.
Сега размислува за алтернативи: „Ако не успеам да ја добијам визата, ќе земам пауза една година и ќе видам дали ќе се подобрат работите“, вели таа за Би-Би-Си.
Но дури и со виза, додава, „можеш да бидеш запрен на аеродром и депортиран.“
Преку 280.000 кинески студенти во САД се директно засегнати од оваа промена на тонот. Американските власти, вклучувајќи го државниот секретар Марко Рубио, најавија таргетирање на студенти „поврзани со Комунистичката партија на Кина“ или „вклучени во критични научни области“.
Кинеското МНР остро реагираше, нарекувајќи ги мерките „политички мотивирани и дискриминаторски“, и поднесе формална протестна нота.
Ограничувањата почнаа уште во првиот мандат на Трамп кога во 2020 година тој потпиша уредба со која се забрани влез за студенти и истражувачи со поврзаност со кинеската воена индустрија. Таа уредба остана активна и за време на мандатот на Џо Бајден, без јасна дефиниција што значи тоа „поврзаност“.
Еден кинески истражувач прифатен на Харвард во 2023 година бил вратен од граница во Бостон. Иако неговото поле било регенеративна медицина, поради претходни студии на институција поврзана со воената индустрија, визата му била укината без јасна причина.
„Ме прашаа каква е врската меѓу моето истражување и националната безбедност. Одговорив: ‘Ако знаете како рак на дојка е поврзан со одбраната, кажете ми’“, изјави тој за Би-Би-Си.
Истовремено, апликантите за докторски студии добиваат сѐ помалку одговори. Кинескиот психолог Кау, кој аплицирал на повеќе од 10 универзитети во САД, добил само една понуда.
„Еден професор ми рече: ‘Ретко даваме понуди на кинески студенти деновиве, не можам ни интервју да ти понудам’“, вели тој.
Студентите што се враќаат од САД не секогаш се дочекани со ентузијазам. Чен Џијан, кој завршил додипломски студии во Америка, бил одбиен од државна банка затоа што „немал домашна диплома“. Подоцна магистрирал на Џон Хопкинс Универзитетот и сега работи во технолошкиот гигант Баиду, но и понатаму се соочува со силна конкуренција и недоверба.
Во Кина расте сомнежот кон странските образовни установи. Претприемачката Донг Мингжу неодамна изјави дека нејзината компанија „никогаш нема да вработува Кинези образовани во странство, бидејќи меѓу нив има шпиони“.
Набргу потоа, ЦИА објави видео во кое ги повикува Кинезите незадоволни од власта да станат информатори.
Одвореност што избледува
За новинарката Жанг Ни, која неодамна дипломирала на Колумбија, сѐ потешко е да се препознае Кина во која пораснала – држава што некогаш поттикнуваше учење и размена со светот.
„Кога ќе видевме странец, мајка ми нè тераше да му зборуваме за да го вежбаме англискиот јазик“, раскажува таа.
САД, кои некогаш беа синоним за можности, сѐ повеќе ги затвораат вратите. А Кина, која некогаш ги славеше младите што се враќаа од странство, сега ги гледа со сомнеж.