Божиновска: „Чебрен“ ќе биде реалност и чекор кон енергетската независност

Нов закон за енергетика, десетгодишен план за развој на преносната мрежа, наплатени 247 милиони денари од концесии  што е двојно повеќе од лани, договори за нови соларни централи, втора фаза на ветерниот парк Богданци, почеток на изградба на интерконекторот со Грција, се меѓу најголемите проекти кои во првата година од формирањето изминатата година ги започна Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, информираше денеска министерката Сања Божиновска. Таа посочи дека и долгонајавуваниот мега-енергетски проект „Чебрен“ еден ден ќе стане факт и дека токму тој ќе биде чекор кон енергетската независност на земјата. За Божиновска енергетиката е национален приоритет, а целта на министерството е да се инвестира во чиста, стабилна и паметна енергија, да се модернизира системот и да се врати енергетската моќ во рацете на државата и домашните инвеститори.

Како најзначаен чекор на новата институција во првата година од работата, Божиновска го смета донесувањето на новиот Закон за енергетика, кој е подготвен од домашни експерти, а е усогласен со европските и со кој се воспоставува либерализација на пазарот, дигитализација, воведување паметни броила и обврска за складирање енергија со батериски системи. Законот ги дефинира и граѓанските енергетски заедници и можноста граѓаните да произведуваат и продаваат струја.

„За првпат се воведе методологија за енергетска сиромаштија и законска забрана за исклучување струја на ранливи категории во зима. Обезбедени се 60 милиони денари директна поддршка за ранливи категории, со најави за нови субвенции до крајот на годината“, рече Божиновска.

Изминатата година министерството започна и нови инвестиции во чиста енергија како што се договорите за три соларни централи „Битола 1“, „Битола 2“, „Осломеј 2“ кои ќе обезбедат струја за над 7.000 домаќинства и втората фаза на ветерниот парк Богданци со инвестиција од 37,6 милиони евра. Интерконекторот со Грција веќе се гради, со заштеда од 12 милиони евра и со домашна компанија како изведувач, за првпат издадена е зелена гаранција за потекло на струја, стартувано е и тргување со електрична енергија во евра на берзата МЕМО.

„Граѓаните не ги интересираат закони на хартија, туку реални ефекти. Стабилна цена на струја, значи светло во училниците и топлина во домовите. Чебрен ќе стане факт, зборувам за обврска, не за ветување, обврска дека секој мегават од таа брана ќе биде чекор кон нашата независност“, рече Божиновска.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press