Часовниците ја добија „војната“ со мoбилните телефони

Штип, 16.09.2023

Кога се појавија мобилните телефони започна масовното постирање на информации дека со новиот изум на векот им дошол крајот на часовниците, посебно на оние кои се носат на рака, од народот наречени „рачни часовници“.

Но, дали денес тоа баш така? Дали часовникарскиот занает умре со појавата на мобилните. Во старата штипска чаршија, во единствениот часовникарски дуќан во градот, Сашо Милев-Манци им дава нов живот на рачните и секаков вид други часовници. Како најпрецизен хирург тој ги отстранува болните места (расипаните делови), вградува нови и им дава нов живот разните марки часовници.

Ако со појавата на мобилните телефони се говореше дека времето на часовниците е поминато, искуството на Сашо го кажува спротивното. По краткото затишје дојде новата ера на масовно купување часовници, рачни пред се, што посебно го израдува единствениот мајстор во градот Штип.

Часовниците денес, според Манци, не се купуваат само поради контрола на времето. Предимство на нив им се дава како на моден детал. Тука најмногу предничат девојчињата. Сашо вели дека сé поголем е бројот на девојки кои купуваат по повеќе рачни часовници, а се во согласност со гардеробата која ја имаат. И младите момчиња го прават тој ритуал, купуваат часовници, а се што работи еден ден и се расипува, па така има работа и за мајстор Сашо.

За разлика од рачните часовници кои последниве години одново се во мода, будилниците како да заминале во заборав. Нашиот соговорник вели дека само еден процент од работата кај него отпаѓа на будилници.

-„Едно време немаше семејство без будилник зашто тој им служеше на луѓето да ги пробуди на време за да не задоцнат за работа, а денес за таа потреба си ги користат мобилните“, коментира Сашо.

Тој вели дека од оваа работа богат не се станува, но за еден спокоен живот има. Проблем, според него, е тоа што нема млади луѓе кои би сакале да се посветат на занаетите, согласно тоа и на часовникарството. Се плаши дека кога еден ден ќе замине во пензија ќе нема кој на штипјани но и на луѓето од регионот да им ги поправа часовниците кои, според него, никогаш нема да изумрат без оглед на тоа какви нови технологии и во оваа област ќе има.

-Она што сакам да го потенцирам тоа е фактот дека занаетот го учев од прекрасниот мајстор и голем човек Стојан Савев кај кого бев чирак шест години. Во 1991 година решив да отворам свој дуќан во Стара чаршија и одтогаш до денес сум во него. Дуќанот е познат под името „Манци“ што е мој прекар од раната младост, вели Сашо Милев.

Девојчињата денес купуваат по повеќе часовници, ги носат согласно гардеробата која ја имаат, и момчињата сé повеќе ги сакаат рачните часовници како украс, најскапиот часовник што сум го поправал вреди 15.000 евра, но доминираат оние поефтините…

Манци

Мајстор Манци по потекло е од Малешевијата.

-Мојата мајка потекнува од Берово, детството го поминав во Малешевијата и некако тој крај, заедно со Штип, ми е при срце. Затоа имам муштерии и од Берово и Пехчево, од виница и Кочани но и од другите места во регионот зашто, барем мене така ми се чини, други часовникари во регионот нема. Она што сакакам да го потенцирам е фактот дека мојот дуќан е и место за муабети, за отворање на душата, за животот воопшто. На муштериите кои ќе сакат да наметнат политика им велам дека може да се разговара за се само за политика-не. И тие тоа го почитуваат. Затоа муабетите најмногу се вртат околу градот, неговата уреденост, спортот… Муштерии кои доаѓаат од други места му завидуваат на Штип, велат дека само нашиот град во регионот функционира како град, урбано, културно, образовно но и стопански…Дали тоа е баш така, тие тоа си го знаат, појаснува Сашо Милев.

Интересен е податоко кој Милев ни го изнесе во однос на вредноста на чсовниците кои тој ги поправа(л).

-Најскапиот часовник кој сум го држел в раце и сум го поправил беше часовник на бизнисмен кој чинеше 15.000 евра. Имало поголем број часовници на кои сум им давал нов живот а вределе од 500 до илјада евра, а најмногу се оние поефтините. Имам проблем што тешко се наоѓаат делови за часовниците, но некако се снаоѓам, информира соговорникот на Штипски Глас.

Односот на Сашо-Манци кон муштериите е на  ниво. Културен, учтив, коректен поради што тој е омилен како во Старата штипска чаршија исто така и кај сите кои имале потреба од негова интервенција и ја посетиле неговата мајсторска работилница.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе