Децата во земјава почнуваат да пушат на 13,5 години, властите најавија борба против рекламите за е-цигари

Седум од 10 пушачи започнале да пушат на возраст од 21 година, па затоа нашите напори и активности треба да се фокусираат на младите луѓе и на децата. Просечната старост на која децата во Македонија почнуваат да пушат е 13 и пол години.

Ова беше истакнато на денешната прес-конференција која се одржа во Министерството за здравство, а на која, по повод Светскиот ден без тутун, покрај претставници на нашите здравствени власти, се обратија и претставници од Светската здравствена организација, Обединетите Нации и на УНИЦЕФ.

Рита Колумбија, постојан координатор од ОН, истакна дека е посветена на координирана мултисекторска акција во борбата против тутунот.

„Ова мора да се интегрира во пошироки државни стратегии. Ова е од клучна важност за обезбедување долгорочен ефект. Тутунот влијае врз примањата, не е само прашање на јавно здравје, туку и на социјална правда. Контролата на тутунот е инклузивна и тоа значи дека треба да се обрне внимание на тие што се ранливи. ОН под водство на СЗО ќе ги поддржи овие политики за кампањи за подигање на свеста и за измени на законот против пушење. Неопходно е да се бориме против лажните маркетинг практики кои се насочени против нашите деца“, истакна Колумбија.

Марија Андоновска, директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кажа дека аларманстноста од податоците од истражување, кое покажало дека половина од возрасната популација се активни пушачи, покажува дека надлежните мораат да донесат мерки за зачувување на здравјето на населенито.

Заменик-министерот Андовски кажа дека во завршна фаза се законски измени кои ги прават во соработка со СЗО.

„Во дилема сме дали ќе биде тоа сосема нов Закон против пушењето или измени на постоечкиот. За краток период ќе излеземе со повеќе детали. Не може да се најдат толку инспектори колку што има пушачи. Во нашиот постоечки закон, одредбите беа дадени на сите инспектори, сите имаа право и мандат да казнуваат непочитување на законот. Сега ниеден инспектор не оди и не проверува каде се почитува законот и каде не се почитува, има јавни места каде што луѓе пушат. Работиме на зголемување на царините, акцизите, правиме многу за да се зголеми заштитата на јавното здравје на населението“, рече Андовски.

На настанот беше истакнато дека 10 посто од луѓето кои побарале помош телефонски од ИЈЗ, се откажале од пушење.

„Може да звучи дека е малку 10 отсто, но статистиките и во другите земји го имаат истиот процент, од 10 до 12 е процентот на откажани од цигари“, рече директорката Андоновска.

На новинарско прашање за тоа како надлежните ќе влијаат на тоа што на социјалните мрежи има кампањи за елекронски цигари, таа потврди дека тоа не е регулирано законски.

„Она што се објавува на социјалните мрежи не е регулирано законски. Наша намера е и тоа да најде свое место во законот, за да не ни се случува тоа што ни се случува“, рече таа.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press