ДЕЛЧЕВО: Промовирана монографијата за селото Косово Дабје од авторот Крум Николовски

Делчево, 26.05.2025

Во Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ во Делчево, пред бројна публика, беше промовирана книга за селото Косово Дабје во општина Делчево, авторско дело на Крум Николовски.

Промотор на монографијата за ова село беше Христина Деолска, а рецензијата е на Миле Ѓорѓијоски, а во рецензијата Ѓорѓијоски пишува:

-Да се пишува монографија за едно село во кое куќите, плевните, амбарите и сѐ она што макотрпно се создавало повеќе од два и пол века е тешка, макотрпна и пред сѐ одговорна рабoтa. Посебно за еден од последните заљубеници во Косово Дабје, авторот на оваа монографија Крум Николовски. Еден од ретките кој се гордее со своите корени пуштени во суровата природа во која опстојувало оваа село. Со авторот се знам повеќе од четириесетина години и при првата средба гордо се претстави како Круме Шопот, алудирајќи на неговото Шопско потекло, по пoранешното име на ова село кое се викало Шопјето, денес Косово Дабје. Низ бројните дружења со него, па и посетите на селото, неговата реновирана куќа ја научив целата историја на Косово Дабје, односно Шопјето како што милува да каже авторот на оваа монографија.

Многу пати Круме ми ги кажувал легендите за настанокот на селото. За мене најверодостојна е онаа за Никола од Мариово кој избегал и се доселил во денешното Шопско маало, плашејќи се за својата, но и судбината на својата фамилија откако убил еден турски данокчија. По многу години, особено во времето на индустријализацијата скоро сите жители од селото „избегале“ во Делчево. Велам избегале, затоа што мнозина од нив му свртеле грб и никогаш повеќе не се вратиле, оставајќи го на забот на времето сето она што макотрпно го создавале тие, и нивните предци.

За жал ова не е само проклета судбина на Косово Дабје, односно Шопјето, како што сака да си го вика авторот на оваа монографија. Не е далеку денот кога и ова, како и многу други села ќе ги однема од личната карта на земјата. Под налет на забот на времето во многу наши села нема да остане камен на камен, нивите кои во минатото ранеле многу гладни усти ќе бидат прекриени со трње. Додека потомците на оние што го граделе и живееле во оваа село ќе работат на туѓи ниви на некои ридишта по Италија и Швајцарија. И никогаш повеќе нема да се вратат претпочитајќи да работат таму далеку-„јабана“ и да живеат во некои мувлосани подруми.

Косово Дабје нема богата историја, а не може ни да се дојде до многу пишани документи како што е случај со многу други делчевски села. Селото најмногу жители имало во далечната 1961 година – 207. Она што мене ми паѓа во очи е податокот дека тогаш селото броело 106 жени и 101 маж, односно, дека во тоа време било „женско село“. После таа година бројот на жители почнува рапидно да се намалува, а по податоците од пописите во селото веќе има повеќе мажи од жени. Можеби тука лежи и главната причина за намалување на бројот на жители и домаќинства, „мажите се секогаш полоши домаќини од жените“!

Во најдобрите денови селото броело 23 ученици, кои учеле во импровизирани училници сместени во некоја од поимотните куќи во Косово Дабје. Мене како податокот ми е интересен што секој родител на ученик бил должен да обезбеди еден кубик дрва за да се обезбеди греење во зимскиот период. Таму се учело до четврто одделение, а потоа оние деца што сакале, но и имале можност оделе на училиште за Делчево, пешачејќи дневно по неколку километри. Во зимскиот период и по снег до „над папокот“ како што Крум Николовски ми кажувал евоцирајќи спомени од неговото детство и училишните денови. Но суровите услови и бројните домашни обврски на учениците како чување стока не спречило многу од нив да станат почитувани и успешни луѓе во своите професии.

Ова село е и последното во општината во кое благодарение на селаните и на помошта на Здружението на тутунопроизводителите „Југотутун“ Делчево, добили електрична енергија, но не и сите маала. Во некои и ден нема струја. За среќа забот на времето не ги најал бандерите, па и тука понекогаш од далечина може да се види светло од некоја куќа. А најчесто од куќата на авторот на оваа монографија Крум Николовски, кој и ден денес скоро секој викенд го поминува во Косово Дабје, гордеејќи се со своето село, но и со своите корени. Јас сум сигурен дека таму тлеела и му се родила идеата еден денсе она што знаел, но и можел да го „ископа“ пребарувајќи по архивите или водејќи разговори со постарите жители на Косово Дабје. Познавам многу луѓе кои се по потекло од Косово Дабје, односно Шопјето, сме зборувале за сѐ и сешто но никогаш не ми споменале ништо за своето родно село. Ако за некои од нив не ми кажел Крум Николовски дека му се земјаци, јас и ден денес ќе сум мислел дека тие се стари делчевчани. Не се гордеат сите со своето потекло, со своите корени како авторот на оваа мнографија Крум Николовски.

Ете затоа во многу наши села нема да има никаква трага од онаа стара македонска селска архитектура, создавана и надградувана со векови. Дури нема да има камен на камен како сведок дека тука некогаш имало живот. За тоа сме криви сите ние, но и општините, а се разбира и државата. Би можеле од своите буџети да одвојат барем еден минимален процент со кој ќе се потикнува и финансира издавање на монографии за селата, градот, но и позначајни личности кои со својата работа оставиле свој печат во своите родни места. Делчево има многу села што имаат историја, многу личности што имаат биографии за да се направат голем број монографии. За жал од ден на ден има се помалку живи сведоци за животот во селата и градот,  многу сведоштва како слики и пишани документи заборавени во некои куфери, фиоки или подруми еден ден ќе ги однема. А тоа е историја, тоа е мал дел од мозаикот на нашиот живот низ вековите, многу значаен за нас како народ. Тоа е наше минато, но и темел на нашата иднина. Се надевам дека оваа монографија ќе потикне и други автори да се зафатат со пишување на вакви дела, но без импровизации, туку со макотрпно истражување и собирање податоци. Така ќе му докажеме на светот дека сме библиска земја, дека си ги сакаме и се гордееме своите корени. На најголемиот заљубеник во Косово Дабје, односно Шопјето, Крум Николовски му посакувам ако не повеќе барем уште едно проширено издание со многу нови податоци. И една промоција на ридот каде што се наоѓа неговата куќа која со негова љубов и помош му оддолева на забот на времето. Се надевам дека по многу години и неговите деца и внуци ќе запалат светилка во таа куќа, која некој патник намерник ќе ја здогледа и ќе знае дека Косово Дабје, односно Шопјето се` уште е живо, напиша во рецензијата Миле Ѓорѓијоски.

Книгата е издадена со поддршка на општина Делчево.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press