Државата бара кредитор на двете преостанати фази од ХС „Злетовица“, најголем интерес покажува Европската инвестициона банка (ЕИБ)

Штип, 13.07.2023

Регионалниот хидросистем „Злетовица“ е вистински бисер во однос на снабденоста со вода на пет општини во Источниот регион во кои живеат околу 100.000 жители. Штип како регионален центар и најголем град кој е опфатен со овој систем користи 400.000 метри кубни вода месечно, што е над половина од расположивиот воден ресурс наменет за водоснабдување и на општините Пробиштип, Свети Николе, Карбинци и Лозово. Општина Пробиштип месечно користи 100.000 метри кубни, Општина Свети Николе 70.000 метри кубни вода, додека проектираниот капацитет на цевководот за општина Карбинци изнесува 40л/с, а за општина Лозово 20 л/с.

-Во Карбинци филтер станицата е изградена, распределителните цевководи до населените места во општината се целосно завршени и во завршна фаза е изградбата на пристапниот пат. Очекуваме во втората половина од тековната година и оваа општина да се приклучи на системот од ХС Злетовица. Трите капитални проекти за водоснабдување на општина Карбинци се финансирани од Буџетот на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Основниот проект за филтер станицата во општина Лозово ќе биде готов до крајот на годинава, вели Љупчо Благоевски, в.д.директор на ХС „Злетовица“.

Во однос на бактериолошката и хемиската исправност на водата за пиење од овој систем, за потребите на ЈП ХС „Злетовица“ се изработува анализа на месечна основа, а двапати годишно се прави и проширена, комплексна анализа. Сите досега извршени анализи покажуваат дека водата од ХС „Злетовица“ е една од најквалитетните води за човекова употреба во државата.

ХИДРОЦЕНТРАЛА: Од Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија е добиена и втора донација од 225.000 евра за изградбата на прибранската хидроцентрала под браната „Кнежево“ чија вредност е 450.000 евра. Останатите 225.000 евра ги обезбедува нашето Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство.

Овој регионален хидросистем е проектиран да стане самоодржлив кога ќе се реализираат сите три негови фази. Првата фаза за водоснабдување на општините е речиси завршена, при што изградбата на филтер станиците и останатите придружни објекти за водоснабдување се финансираа од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство,  втората фаза предвидува систем за наводнување на 3.500 хектари обработливи површини во Општина Пробиштип, а третата фаза е за производство на електрична енергија преку изградба на неколку хидроцентрали низводно од Акумулацијата „Кнажево“ која во моментов се наоѓа на највисока кота на исполнетост, односно има акумулирано 23,5 милиони кубни метри вода.

-Ниту една од трите фази само по себе не е и не може да биде самоисплатлива и да го направи системот финансиски самоодржлив. Затоа е важно да се реализираат и преостанатите две фази. Министерството за финансии веќе бара најповолна финансиска понуда за кредитирање на двете преостанати фази, најголема заинтересираност за сега има покажано Европската инвестициона банка (ЕИБ), но процесот е во тек.

-Од Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија добивме донација за Проектот Надградба на ХС Злетовица (SCADA), во износ од 155.000  евра, од буџетот на РСМ преку Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство за оваа намена се обезбедија средства во износ од 216.300 евра, а учеството на ЈП ХС Злетовица со сопствени средства во висина од околу 2,5 милиони денари со кои се покрива ДДВ-то на средствата финансирани од МЗШВ. Од Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија добивме и втора донација од 225.000 евра за изградбата на прибранската хидроцентрала под браната „Кнежево“ чија вредност е 450.000 евра. Другите 225.000 евра ги обезбедува Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство. Во финансирање на овој проект учествува и ЈП ХС Злетовица Пробиштип, со исплата на ДДВ и надзорниот орган кој ќе ја следи изградбата. За овој проект во јули или најдоцна во месец август ќе објавиме тендер, вели првиот човек на ХС „Злетовица“.

Првата хидроцентрала ќе биде со јачина од 200 киловат часови електрична енергија, а ќе ја користи водата која како биолошки минимум ќе поминува низ неа, ќе произведува струја, и пак ќе го обезбедува биолошкиот минимум по течението на реката Злетовица.

Инаку, ХС Злетовица започна да се гради во месец јуни, 2007 година, а свечено беше пуштен во употреба во месец јануари, 2013 година. Вкупната вредност на проектот изнесува над 95.000.000 евра, од нив 70.000.000 се обезбедени од кредит, а над 25.000.000 евра се средства од државата.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе