Три лица на возраст од 50, 65 и 78 години, годинава заболеле од листериоза, а највозрасното од нив починало, потврдуваат за Мета од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Ова заболување е сериозна инфекција која најчесто настанува по внесување на храна контаминирана со бактеријата Listeria monocytogenes.
Проф. д-р Драган Кочински, епидемиолог во ИЈЗ, вели дека најголем број случаи биле евидентирани во 2014 година (кога имало 11 заболени и 5 починати), а потоа секоја година бројот на заболени се движи до максимум 5 на годишно ниво.
„Оваа бројка од три заболени лица е очекувана. Кај нив направена е епидемиолошка анкета од епидемиолози. Ова е заболување кое има инкубациски период и до 70 дена (но, најчесто инкубацијата трае 3 недели), па затоа, потешко е да се добие податок во однос на храната, од каде ја набавувале, како била подготвена пред консумација и слично.
Секоја храна може да биде сомнителна
Секоја храна може да е инкриминирана, а најчесто е тоа храна која не е свежа односно е спакувана – млеко, млечни производи, месо, месни производи, свежо овошје и зеленчук.
Како што пишува во информативниот текст во врска со оваа болест, на веб-страницата на ИЈЗ, најчесто инкриминирана храна која се поврзува со ширење на листериоза се смета месо и преработки од месо (колбаси, виршли, паштети, деликатесни меса и нарезоци), непастеризирано млеко и млечни производи како што се меко сирење, кремови/намази, путер, посебно ако се направени од непастеризирано млеко; свежа или чадена риба и морски плодови, замрзнато месо и месни продукти, свежо и замрзнато овошје и зеленчук, претходно подготвени салати и сендвичи, из’ртени семиња готови за консумирање.
„Инфекцијата може да се пренесе и преку контаминиран свеж зеленчук и овошје, особено лубеница и диња (познати епидемии во светот). Други патишта на пренесување на инфекција може да бидат: директен контакт со заразените животни, нивни органи, ткива и излачувања или контаминирана животна средина. Бремените жени може да ја пренесат инфекцијата на новородените преку плацентата или за време на раѓањето“, пишува во објавата.
Како се пренесува листерија?
Бактеријата која предизвикува листериоза е широко распространета во животната средина и може да се најде во почвата, површинските води, вегетацијата и голем број на диви и домашни животни.
Од домашните животни, листериозата е најчеста кај овци, кози, говеда и друг добиток, но се наоѓа и кај глодари, кучиња, мачки, свињи, живина, папагали и канаринци. Голем број на домашни и диви животни – цицачи, птици, потоа риби и ракови можат да ја носат бактеријата, но да немаат никакви симптоми.
„Домашните животни обично се разболуваат преку контаминирана храна – загадена од глодари и диви животни, дополнително лошо ферментирана во силоси. Повеќето луѓе заболуваат преку консумирање на загадена храна, но можно е пренесување на бактеријата преку директен контакт, како и со вдишување“, се вели во објавата.
Симптомии може да има, а може и не
Листериозата може да предизвика различен спектар на симптоми. Некои пациенти може да немаат никакви симптоми – најчесто здрави лица. Претходно здрави лица, како и жени кои не се бремени, често поминуваат со симптоми на акутна цревна инфекција – воспаление на желудникот и цревата (гадење, болки во стомакот и пролив, поспаност, главоболка, треска). Исто така, може да се јават замор, болки во мускулите, болки во зглобовите, повраќање и болки во грлото (симптоми слични на грип).
Во однос на дијагнозата, лабораториските тестови за докажување на инфекција со листерија, се вршат на примероци од крв или цереброспиналната течност (ликвор). Се прават и лабораториски тестови на храна и примероци од животната средина, со цел пронаоѓање на изворот на Listeria. Третманот е со соодветни антибиотици. Вакцина против оваа инфекција нема.
Како да се избегне?
Мерките на превенција се слични на оние кај сите други заболувања кои се пренесуваат преку храна – да не се консумира сирова храна од животинско потекло, животинските продукти темелно термички да се обработат – доволно долго и на доволно високи температури. Потоа, однапред приготвени (готови и полуготови производи) и замрзнати јадења како и брза храна, не треба да се чуваат премногу долго и треба да бидат повторно затоплени пред сервирањето, но не повеќе од еднаш.
„Да се консумира само пастеризирано млеко и млечни производи подготвени исклучиво од пастеризирано млеко, бидејќи во процесот на пастеризација доаѓа до уништување на бактеријата. Темелно да се мијат рацете, работните површини и користениот кујнски прибор и помагала, пред и после подготовката на храната/ракувањето со нив. Често и темелно чистење и миење на фрижидерите каде се складира и чува храната. Свежиот зеленчук, овошјето и салатите треба темелно и долго да се мијат под силен млаз вода – пред јадење, сецкање или готвење, па дури и кога се излупени“, се наведува во информативниот текст за листериозата.
Во Институтот за јавно здравје, потсетуваат дека имаат лабораторија во која може да се носат мостри од храна за да се изврши тестирање за присуство на листерија.
„Превентивата се однесува на редовно тестирање на храната. Ако е таа безбедна, има помалку шанси за заболување. Ако е таа безбедна, може да се превенираат и болести како салмонелози, стафилококни труења со храна и слично“, велат во ИЈЗ.